Како изгледаат станиците на новоотворената Голема кружна линија на московското метро (ФОТО)

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND
Метрото на рускиот главен град отсега ќе биде уште подобро и попрактично. Полн круг возење на новата линија ќе трае околу 90 минути.

Големата кружна линија, која ги сече сите радијални линии на московското метро, ​​беше отворена на 1 март 2023 година. Линијата долга 71 километар се состои од 31 станица и беше пуштана во сообраќај во делови. Првиот сегмент (станиците „Каширскаја“, „Варшавскаја“ и „Каховскаја“) работат од 1969 година.

Следниот сегмент на северозападот на Москва од станицата „Петровски парк“ до „Деловој центар“ беше отворен во 2018 година, а кон крајот на 2021 година во сообраќај беа пуштени уште 10 станици.

Сега сите станици се завршени, што значи дека кругот е целосен.

Погледнете како изгледаат!

Текстилшчики

Од станицата „Текстилшчики“ патниците ќе можат да се префрлат на виолетовата линија, како и на железничкиот градски транспортен систем наречен „Московски централни дијаметри“. Внатрешноста на станицата е изработена во сиви тонови, додека таванот е покриен со алуминиумски панели кои, според идејното решение на архитектите, симболизираат разбој за ткаење (имено, овој дел на Москва бил познат по текстилните мануфактури) .

Печатники

Претоварот од оваа станица е можен на светлозелената линија на метрото и на московските централни дијаметри. При проектирањето на ентериерот, архитектите како стил го избрале необрутализмот, со користење алуминиум и нерѓосувачки челик.

Нагатински Затон

Оваа станица се наоѓа во реонот Нагатински Затон, недалеку од реката Москва. Темата на водата на тој начин стана инспирација за архитектите. Ѕидовите се украсени со огромни прикази на риби кои можат да се најдат во реката Москва.

Кленови булевар

Друга станица во реонот Нагатински Затон се наоѓа во близина на паркот Коломенское. Влезот во станицата по обликот потсетува на силуетата на куполата на царската резиденција сместена во паркот, додека во внатрешноста таванот потсетува на лачните премини на дворецот. Внатрешноста исто така треба да асоцира и на старите руски занаети.

Марјина Рошча

Станицата „Марјина Рошча“ е отворена на северот на Москва. Таа нуди претовар за светлозелената линија и Московските централни дијаметри. Должината на ескалаторите е 130 метри, што е нов рекорд за московското метро (претходниот рекорд го држеше станицата „Парк на Победата“ - 127 метри). Во внатрешноста преовладува белата боја.

Соколники

Најживописната станица на Големата кружна линија!

„Соколники“ е вистинска уметничка галерија во стилот на супрематизмот и рускиот конструктивизам, небаре ја осмислил лично Малевич. Станицата нуди претовар на црвената линија на московското метро.

Ришкаја

Оваа метро-станица во близина на Ришката железничка станица би требало да ги намали гужвите на портокаловата линија на метрото. Нејзината внатрешност е декорирана со бројни лакови кои симболизираат капија за излегување од градот.  

Каширскаја

По три години реновирање, московјаните конечно можат да ги видат станиците „Каширскаја“ и „Варшавскаја“ во ново руво. И двете првично беа отворени во 1969 година, најпрвин како крак на Зелената линија, а потоа како посебна линија која ги постави темелите за Големата кружна линија. Историскиот изглед е зачуван, но ѕидовите, како и главните објекти, се обновени.

Варшавскаја

Историските мурали на ѕидовите се зачувани и на „Варшавската“ станица, меѓутоа инженерските системи и холовите се реновирани.