Почеток на мај, крај на работниот ден. Московјаните на кои им се падна да работат за време на мајските празници со уморни изрази на лицето стојат на перонот во метрото. Но, наместо вообичаените сиво-сини вагони, им приоѓа црвено-црн ѕвер со широки затемнети прозорци како штотуку да слегол од страниците на научнофантастичен стрип. На возот однапред стои бел натпис: „Ова е Москва 2020“, а потоа на секоја врата се испишани неговите предности: „Удобност“, „Технологии“, „Услуга“ итн. Над прозорецот свети називот на следната станица.
Вака изгледа новиот воз „Москва 2020“ што го произведуваат Октомврискиот институт за производство и ремонт на електрични вагони во Санкт Петербург и заводот „Метровагонмаш“. Возот започна да сообраќа на кружната линија на московското метро есента 2020 година. Дизајнот го направи италијанската компанија ItalDesign, која соработува со компании како Audi, Airbus, McLaren и Lamborghini.
Поради строгиот надворешен изглед се добива впечаток дека од вагонот секој миг ќе излетаат специјалци... Вратата се отвора и вие одеднаш се наоѓате во удобен добро осветлен простор.
Ракофатите и меките седишта (само пет места во еден блок, наместо вообичаените шест), како што пишува на сајтот на градоначалникот на Москва, се изработени во „розово злато“ боја, а на секое седиште со ситни букви е втисната буквата М, главниот симбол на московското метро.
На крајот на секој вагон има уште две седишта од едната страна, а од друга преграда преслечена со ткаенина на која патникот може да се потпре.
Најголемиот новитет се по двата УСБ-приклучоци кај секое седиште, дури и кај местото за стоење на крајот на вагонот.
Она што изненадува е минималната количина на реклами. Да, над секој дел со седишта има мал дисплеј, но во текот на моето возење по кружната линија на него беа емитувани само информации за привременото затворање на некои метро-станици. Меѓутоа, никој, се разбира, не ветува дека во иднина нема да се појавуваат рекламни спотови. На некои екрани на допир може да се користи интерактивната мапа за да се испланира маршрутата до посакуваната станица.
Исто така, мали информативни екрани се наоѓаат под плафонот. На нив се прикажуваат информациите за станицата.
Исто е и над вратата. На тие екрани патниците се предупредуваат на затворањето на вратата.
Известувања се наоѓаат и на некои ракофати и тоа во вид на налепници на кои стои дека се дезинфицирани, но дека е подобро да ги допирате со ракавици. Исто така, подобро е да се носат маски, бидејќи режимот на маски и ракавици сè уште не е официјално укинат во московскиот јавен превоз, иако повеќето патници веќе заборавија на тие правила.
Уште еден бонус се проѕирните панели што ги одделуваат седиштата од влезот, така што човек што не успеал да седне може да се потпре на нив со грб без да допира друг патник.
На веб-страницата на канцеларијата на градоначалникот на Москва се наведува дека преминот меѓу вагоните е поширок за 57% и дека изнесува 160 см. Во полупразен вагон оваа разлика е незабележлива, но сигурно ќе се почувствува во утринскиот шпиц.
Уште едно известување од производителот е дека возот е 15% потивок. Тоа е веројатно вистина, бидејќи за време на возењето јасно го слушнав тивкиот разговор на луѓето што седеа на вториот сегмент со седишта.
Дојде време да излезам и тогаш покрај вратата забележав уште една налепница на која пишува дека вратата е 28% поширока отколку кај возовите „Русич“ од предминатата генерација. Заклучок за ширината на вратата може да се донесе само во утринскиот шпиц, но при влегување во секој случај се забележува колку е поубав и посветол одразот на вратата, токму како што треба да биде за селфи. Уште и ако вратата се мие почесто, тогаш нема да има спас од многубројните инстаграмери и тиктокери.
Во април 2021 година возот „Москва 2020“ ја доби наградата Red Dot Award: Product Design 2021 за најдобар дизајн. Засега низ метрото сообраќаат 52 вакви возови, додека до 2023 година на линиите на метрото ќе сообраќаат 172 нови возови, што е четвртина од вкупниот број.
Меѓутоа, не е лесно да ги импресионирате московјаните, така што никој од патниците не го ни разгледа новиот вагон, туку сите седеа гледајќи си во телефоните. Само еден маж, гледајќи ме, со силен странски акцент промрморе: „Зошто снимаш?“, а потоа заедно со мене излезе на станицата и десет секунди гледаше како „Удобност“, „Технологии“ и „Услуга“ се оддалечуваат од него.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче