- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Курилскиот бобтејл има сибирски корени
Legion Media
Оваа раса сè уште е недоволно проучена, но нивната најпопуларна варијанта, дефинитивно, настанала со вкрстување на јапонски бобтејл и сибирска мачка. На Курилските острови ги носеле јапонските и руските морнари од средината на XVII век, кога овие територии биле откриени и мапирани. На крај двете раси долго време биле во меѓусебен контакт во природата и на тој начин се родила нова уникатна раса на мачки, курилскиот бобтејл. Овие мачки имаат кратка опашка, „сибирска“ муцка и густо крзно што ги штити од мраз и ветер.
На копнениот дел стапнаа дури кон крајот на ХХ век
Legion Media
Пред тоа никој не ни помислувал дека на Курилските острови живее необична раса на мачки. Вниманието на советските истражувачи кои сакаа да донесат дома неколку диви мачки од островите Кунашир и Итуруп, за да им ги покажат на експертите, беше пренасочено во осумдесеттите години на минатиот век. Во тоа време фелинологијата како наука беше во зародиш во СССР и најпрво се мислеше дека се работи за јапонски бобтејл, но се покажа дека меѓу нив има големи разлики и по изглед и по карактер. Фелинологот Олга Миринова од Москва во 1991 година го опиша стандардот на расата кој беше прифатен прво во Советскиот Сојуз, а во 1994 година во Светската асоцијација за мачки. Потоа се појавија стотици одгледувачници, од кои најголемиот дел беа во Москва.
Разни видови кратки опашки
Legion Media
Опашката кај мачките има улога на своевидно кормило и служи за одржување на рамнотежата при одење и скокање. Меѓутоа, поради отсуството на опашка, кај овие мачки се развиле задните нозе кои, кога ќе се погледнат внимателно, се значително помасивни и посилни отколку кај оние со долга опашка. Патем, должината на помпонот е различна, некаде до 12 сантиметри. И формите на опашката се различни и можат да бидат округли, како спирала, рамни.
Дружељубив карактер
Legion Media
Иако се вистински предатори, тие се многу друштвени, ги сакаат луѓето, особено децата. „Кога се одлучував за мачка, ми беше важно да има добар имунитет, да се согласува со децата и да биде активна за да може со неа да си играат, а не да спие по цел ден“, вели московјанката Марија, сопственик на мачката Абрикос и голема љубителка на оваа раса. Ова е трет по ред „Курилец“ во нејзиното семејство. „Овие мачки не се агресивни кон малите деца, мирно дозволуваат да ги гушкаат и стискаат“, вели таа.
Ана Сорокина / Legion Media
Марија вели дека курилскиот бобтејл најчесто е многу дружељубив, сака да си игра барем два пати дневно, дури и кога ќе порасне, и треба да бидете подготвени за тоа. Мажјаците се значително потешки од женките и можат да достигнат тежина над седум килограми. Во домашни услови живеат доста долго, помеѓу 15 и 20 години. Тие се со добра здравствена состојба, како и повеќето автохтони мачки.
И понатаму можат да се сретнат во дивина
Сите видови курилски мачки се одгледуваат во одгледувачници според стандардите за раса. Може да имаат кратко или полудолго влакно и разни бои и шари на крзното. Најстара и најпопуларна е „дивата“ тигреста боја во комбинација со полудолго влакно. Покрај тоа, широко се присутни крзна со најразличен колорит на мермер (на пример, бојата на крзното на мачката Абрикос се нарекува „црвен мермер“), а може да биде и во форма на чад и дамки. Стандардот за раса не препознава потемни белези на ушите, шепите и муцката, бидејќи не е дозволено вкрстувањето на оваа раса со други раси.
Legion Media
Во исто време, овие мачки и денес живеат во дивината, на Курилските острови, како и на Камчатка. За разлика од другите мачки, курилските не се плашат од вода. Живеат во чопори, не сами.