Татковината на руската сина мачка е далечниот Архангелск, најголемото поморско и речно пристаниште во северните региони на европскиот дел на Русија. Уште кон крајот на XIX век, кога пристигнала во Велика Британија, ги освоила срцата на Европејците. Всушност, до неодамна таа беше попозната во странство отколку во Русија.
Синкаво-сивата мачка била вообичаен придружник на луѓето во северните региони на европскиот дел на Русија. Нејзината главна задача била лов на глувци. Овие мачки биле, и сè уште се, најефикасното средство против глодарите, па морнарите, како руските, така и европските, често ги земале со себе на брод. Првенствено тоа биле англиски морнари, некогаш чести гости на рускиот север.
Во втората половина на XIX век во Велика Британија се родила нова наука за мачките – фелинологија и сивите мачки кои пристигнале со брод од Архангелск се нашле под будното око на локалните одгледувачи. За прв пат се споменуваат во британскиот печат уште во шеесеттите години на XIX век, а од седумдесеттите веќе учествуваат на изложби на мачки под името архангелска сина. Во деведесеттите години на XIX век мачиња од Архангелск и околните острови биле донесени во Англија специјално за понатамошно размножување во одгледувачниците. Во 1912 година оваа мачка конечно го добила стандардот за раса.
На почетокот на ХХ век оваа мачка имала малку поинаков изглед од нејзиниот современ. Таа имала погусто и поостро крзно (сепак на северот од Русија е прилично студено), како и силни задни нозе. Откако се проширила низ Европа, стигнала дури и во САД, каде што ја нарекувале руска, архангелска, сибирска па дури и малтешка (фелинолозите ги нарекуваат сите мачки со сиво-синкаво крзно малтешки). По Втората светска војна беа на работ на исчезнување, но кон крајот на четириесеттите одгледувачите ја обновија оваа стара и убава раса. Преостанатите примероци беа вкрстени со сијамски, хавански и други видови. Во 1980-тите, кога во СССР започна развојот на фелинолошкото движење, овие мачки се здобија со популарност и во татковината.
Поради селекцијата во различни делови на светот, фелинолозите разликуваат четири типа руска сина мачка: англиски, скандинавски, европски и северноамерикански. Меѓу нив има мали разлики во обликот на ушите и пропорциите на телото, но во секој случај овој вид подразбира кратко, густо, синкаво-сиво крзно, смарагдни очи и префинет карактер. На човек му е јасно штом ќе ја види дека се работи за паметна мачка која сака да си игра, може да ви прави друштво додека го гледате вечерниот филм, но ги почитува личните граници и нема да ви здодева.
Врз основа на руската сина мачка, странските одгледувачи создадоа две нови раси: руска бела и руска црна. Селекцијата беше направена истовремено во Велика Британија и Австралија. Австралиските одгледувачи вкрстија сибирска и руска сина мачка. Така добија идеално бела мачка со смарагдни очи која ја нарекоа Бела Роза. Нејзините потомци станаа „баби“ на руските бели мачки во Австралија (таму сè уште има одгледувачница на бели, црни и сини мачки, која ги нарекува Babushka Blue Russians). Новата раса е регистрирана во 1975 година во државата Нов Јужен Велс. Денес, освен во Австралија, признаена е и на Нов Зеланд, во Јужна Африка, САД (од 2010 година) и Велика Британија.
Додека англиските селекционери ја вкрстија руската сина со белата сијамска, во третата генерација, поради некоја причина, се роди црно маче со зелени очи. Го доби името Арктичка Ласкација (Arctic Lascatsya) и стана „баба“ на руските црни мачки.
Во Русија движењето на руската сина мачка често се споредува со танцување на балерина. Станува збор за ситна мачка (тешка од 3 до 5 килограми) која се движи многу грациозно и елегантно, која има многу убави и силни шепи. Како и сите стари раси, руската сина се карактеризира со одлично здравје (живее од 15 до 20 години) и интелигенција.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче