5 млади руски лизгачки кои ветуваат многу

Joosep Martinson/International Skating Union/Getty Images
Тие се многу мотивирани, исклучително талентирани и извонредно истренирани. Новата генерација првокласни руски лизгачки веќе стапи во натпреварувачката арена! На овие неколку девојки би требало да обрнете внимание во наредните години.

Аделија Петросјан 

14-годишната Аделија Петросјан го запиша своето име во книгата на рекорди откако за прв пат во историјата на женското индивидуално лизгање успешно изведе четирикратен ритбергер, познат и како четирикратна јамка. Неверојатната фигура беше видена на 19 ноември 2021 година на Купот на Русија во Перм.

Аделија е носителка на сребрен медал на руското јуниорско првенство во уметничко лизгање. Оваа ѕвезда во подем соработува со тренерот кој многу бара од своите спортисти Етери Тутбериѕе, која бара дисциплина, посветеност и ефикасност и веќе израсна неколку генерации светски шампионки.

Камила Валиева

Ова 15-годишно чудо од дете ги изведува своите препознатливи скокови држејќи ги двете раце над главата и е фаворит за златото во женска конкуренција на следните Зимски олимписки игри во Пекинг во 2022 година. Валиева (која е дел од групата Етери Тутбериѕе) минатиот месец дебитираше на сениорско гран-при ниво на натпреварувањето Skate Canada 2021.

Светската јуниорска шампионка од 2020 година го освои турнирот, поставувајќи светски рекорд со колосални 180,89 поени за нејзината слободна програма, во која изведе три четирикратни скока и троен аксел. Како шлаг на тортата, до неа на победничкиот подиум се најдоа нејзините врснички Елизавета Туктамишева и Аљона Косторнаја.

Аљона Косторнаја

Иако не изведе до крај троен аксел, 18-годишната Косторнаја го освои среброто на гран-прито ISU во Гренобл благодарение на карактеристичните тројни скокови и пируети на ниво 4.

Аљона вели дека пред неа се големи предизвици, меѓу кои и тројниот аксел. „Сакам да бидам новата јас. Јас сум нова, поинаква. Сакам да ѝ се вратам на подобрата верзија на себе, многу подобра отколку што бев порано. Пораснав, повеќе не сум дете“, изјави во Франција европската шампионка од 2020 година. Исклучително емотивна, самокритична и чувствителна, Косторнаја сака да се изненади себеси и своите фанови.

Александра Трусова

Нејзината репутација е завидна. 17-годишната Александра е феномен во светот на уметничкото лизгање. Брза како куршум, Александра на Запад го носи прекарот „руската кралица на четирикратните скокови“, додека дома е позната како „руската ракета“. И покрај повредата на стапалото, актуелната бронзена медалистка на светското првенство неодамна го изненади жирито со својот четирикратен скок и луц, освојувајќи го во октомври во Лас Вегас првото место на гран-прито Skate America.

Според многу спортски професионалци (меѓу другите, освојувачот на сребрениот олимписки медал, Александар Жулин), Трусова, позната по своите четирикратни скокови, лизга на исто техничко ниво како и мажите, а „можеби и подобро“. Жулин вели: „Трусова лизга на ниво на мажи, невозможно е да ја победите со помош на кореографија“.

Ана Шчербакова 

Неверојатно нежна и грациозна како балерина која изведува пируети, 17-годишната Шчербакова ги освои двете најпосакувани титули светски и руски шампион. Покажувајќи дека ништо не е невозможно, Шчербакова на 20 ноември 2021 година победи на Гран-прито во Гренобл, Франција,. Тоа е нејзин втор медал на гран-при оваа сезона, по бронзата на Skate Canada.

Иако Ана се лизна додека изведуваше четирикратен луц и падна, таа успеа да се созеде и беспрекорно да изведе четирикратен флип, седум тројни скокови и серија комбинации од тројни скокови. Нејзиното мото е: никогаш не се откажувај и секогаш стреми се кон ѕвездите!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња