Во Русија оздраве пациент заразен со коронавирус

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Пациентот е испишан од болница.

Лекарите пуштија од болница државјанин на Народна Република Кина кој беше хоспитализиран со коронавирус на 26 јануари на територијата на Забајкалскиот крај. Ова за новинарите во средата, 12 февруари, го соопшти диспечерскиот центар на Забајкалскиот крај.

„Пациентот оздрави и е испишан од Инфективната клиника на Забајкалскиот крај“, соопшти диспечерскиот центар.

Главниот лекар на болницата Сергеј Јурчук при пуштањето на пациентот од лекување истакна дека неколку анализи во низа покажале отсуство на вирусот и дека на пациентот му е врачена отпусна листа. „Според оваа отпусна листа вие сте потполно здрави, не претставувате никаква опасност за општеството“, рече главниот лекар.  

На 26 јануари во Забајкалскиот крај за помош до лекарите се обрати државјанин на Кина. Истиот ден тој беше префрлен на Инфективната клиника. Заразата од коронавирусот не беше веднаш потврдена, дури втората анализа даде позитивен резултат. Неговата жена и ќерка беа изолирани во посебни боксови.

Како што се наведува на сајтот на Министерството за здравство на Забајкалскиот крај, жената и ќерката на државјанинот на Кина ќе останат под надзор на лекарите. „Жената и ќерката, кои биле во контакт со државјанинот на Кина, засега и понатаму се под надзор на медицинските работници. Штом резултатите од нивните анализи два пати потврдат отсуство на вирусот, тие ќе бидат пуштени од стационарот“, се наведува во соопштението.

Според првичните податоци, жената и детето ќе бидат под контрола на лекарите до 14 февруари. Државјанинот на Кина кој е пуштен од болница, им рече на новинарите дека засега ќе остане во Чита, каде има куќа и роднини.

Кон крајот на јануари во Русија беа потврдени два случаи на зараза со коронавирус – кај државјани на Кина во Забајкалскиот крај и Тјуменската област. Пациентите беа хоспитализирани. Болеста се пројави кај нив во лесна форма.