Путин им додели на пилотите звање Херој на Русија за успешното принудно слетување во поле со пченка

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Претседателот на Русија Владимир Путин ги награди со звањето Херој на Русија пилотите кои во близина на аеродромот Жуковски принудно го спуштија авионот кој превезуваше 226 патници во поле со пченка.

„Потпишав указ за наградување на екипажот на авионот кој, како што е познато, изведе принудно слетување на оштетениот авион на аеродромот Жуковски. Командирот на екипажот и на вториот пилот се наградени со звањето Херој на Руската Федерација, а сите останати членови на екипажот со Орден за храброст“, изјави  претседателот на советувањето со постојаните членови на Советот за безбедност на РФ, пренесува агенцијата РИА „Новости“.

Видеоснимката од обраќањето на Путин пред Советот за безбедност на РФ ја објави ТВ-презентерката Олга Скабеева на нејзиниот канал на „Телеграм“.

Шефот на руската држава изрази надеж дека слични ситуации во Русија „ќе има што е можно помалку, а пожелно е никогаш ништо слично да не се случува“.

„Но, може да се смета дека обуката на пилотите во оваа компанија (...) е задоволителна“, истакна Путин.

Во четвртокот авион „Ербас А321“, кој припаѓа на компанијата „Уралски авиолинии“ полета од Москва за Симферопол, но принудно слета во близина на аеродромот Жуковски во Подмосковје. Во моментот на полетувањето во двата мотори влетаа галеби, по што моторите откажаа и се запалија.

Командирот на екипажот Дамир Јусупов и вториот пилот Георгиј Мурзин го спуштија авионот во поле со пченка. Во авионот имаше 226 патници и сите беа евакуирани.