Галеби од депониите принудија руски пилот да направи чудо во поле со пченка во близина на Москва

Reuters
Луѓето го споредуваат овој инцидент со „Чудото на реката Хадсон“.

Капетанот Дамир Јусупов и копилотот Георгиј Мурзин на 15 август спасија 233 човечки животи спуштајќи го авионот Ербас А321 на поле со пченка покрај аеродромот Жуковски во близина на Москва.

Авионот на компанијата „Урaљские авиалинии“ полета од московскиот аеродром за Симферпољ на Крим, но за време на полетувањето, како што се соопштува, налетал на јато птици. Овој „редок“ случај предизвикал дефект на моторот, поради што пилотите рачно морале да го спуштат авионот со полни резервоари со керозин. За среќа, на километар од пистата имало поле со пченка на кое пилотите го спуштиле авионот со вовлечени тркала, исклучувајќи ги моторите неколку секунди пред контактот со земјата. Во авионот имало 226 патници и 7 членови на екипажот.

Веднаш започнала итна евакуација. Сите патници успешно го напуштиле авионот низ излезите за случај на опасност. Пилотите и членовите на екипажот кои им помагале на патниците на крајот добиле аплауз и пофалби од потресените патници.

Возилата на итната помош стасаа брзо, но со оглед на тоа што аеродромската писта не е далеку од местото на инцидентот, патниците тргнаа низ пченката да гo бараат патот до аеродромот.

Екипата на итната помош дејствуваше ефикасно. Во најблиските болници се хоспитализирани 23 патници. Властите соопштуваат дека вкупно се повредени 55 лица.

Патниците пред сѐ ги пофалиле пилотите за здравиот разум и за вештината.

Министерство за вонредни состојби, Московска област

„Слетувањето беше мошне незгодно, но авионот не се заби со носот во земја. Треба да им се оддаде признание на пилотите зашто максимално го ублажија спуштањето во вакви услови“.

Капетанот Дамир Јусупов и копилотот Георгиј Мурзин патниците ги величаат како херои, а на ист начин ги третираат и корисниците на Интернет и портпаролот на Путин. Интересно е што 41-годишниот Јусупов ја започнал својата пилотска кариера на 33 години, а пред да реши да го реализира својот животен сон работел како правник во општината на градот Сизрањ (750 километри од Москва).

Интернет-изданието Медуза цитира неименуван колега на Јусупов кој изјавува дека квалитетното слетување сведочи за тоа дека пилотот најверојатно „на симулатори вежбал слични ситуации, така што сѐ извел автоматски“.

Слетувањето и постапувањето на посадата се споредува со инцидентот од 2009 година, познат како “Чудото на Хадсон“, кога авион Ербас А320 со капетанот Челси Саленбергер и копилотот Џефри Скајлс на сличен начин слета со вовлечени тркала на реката Хадсон во Њујорк.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња