Сензација: Зачуваноста на „кримската Атлантида” ги надминува сите очекувања, велат археолозите

Руско географско друштво

За време на работната сезона во 2019 година, подводните археолози првпат добија можност детално да ја проучат територијата на античкиот потопен град Акра покрај источниот брег на Крим. Степенот на зачуваност на градбите на грчкиот полис ги изненади историчарите, се наведува на сајтот на Руското географско друштво.

Годинава подводните археолози имаа поволни временски услови за работа. На местото на истражувањето немаше бури, преовладуваше мирно време, што помогна да не се крева тиња и песок од морското дно, како што беше случајот минатата година. Поволните услови им овозможија на научниците да ја истражат огромната површина на споменикот и да создадат претстава за уредувањето на градот.

„Во текот на изминативе години на истражувањето, од дното извлековме голем број предмети кои се сместени во музејот, но немавме општа претстава за градот“, изјави заменик-директорот на Црноморскиот центар за подводни истражувања Виктор Вахонеев. „Сега имаме појасна слика. Зачуваноста на градбите ги надмина сите очекувања. Тоа е вистинска сензација“.

Ископувањата покрај ѕидините на градот потврдија дека научниците претходно точно го утврдиле времето на нивната изградба: почетокот на IV век п.н.е. Историчарите го истражуваа одбранбениот ѕид и открија скалила до неговото подножје. Иако очекуваа дека ќе најдат само безоблични урнатини, остатоците од ѕидините имаат речиси идеална форма.

Археолозите пронајдоа и неколку монети, претежно пантикапејски, од III-II век п.н.е., два совршено зачувани балсамариуми и дрвен чешел (веќе четвртиот пронајден во Акра). Специфичноста на овој антички споменик е во тоа што добро се зачувале во солената вода дрвото и органските материјали, кои инаку побрзо се распаѓаат на копно. Сите наоди ќе бидат изложени во Феодосискиот музеј на подводната археологија.

Прочитајте повеќе: Во кримската пештера „Таврида“ пронајдени уникатни остатоци од праисториски животни

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња