Најдени остатоци од руски брод:Се смета дека учествувал во Битката кај Чешма во Руско-турската војна

Global Look Press
Во близина на турскиот брег на Егејското море кај градот Дидим се пронајдени остатоци од руски воен брод од 18 век, соопштуваат локалните медиуми.

Раководителот на истражувачкиот тим Харун Оздаш нагласува дека остатоците се пронајдени на длабочина од 65 метри, го пренесуваат руските медиуми пишувањето на турскиот весник „Дејли сабах“.

„Пронајдовме околу 30 артефакти, меѓу кои има топови, топовски ѓулиња, оружје, кујнски прибор, разни делови од бродска опрема“, изјави турскиот археолог.

На топ тежок 2,5 тони и долг речиси три метри се наоѓа грб со двоглав орел и кирилични натписи. Пронајден е грб и на топовско ѓуле, наведува Оздаш. Тој додава дека натписите во моментов се дешифрираат.

Сите предмети биле расфрлени на површина од околу 200 квадратни метри.

Дрвениот брод чие дно е обложено со бакар всушност сѐ уште не е идентификуван. Професори од Измирскиот универзитет, како и стручњаци од Одделението за археологија на Министерството за култура и туризам на Турција, ангажирани на терен, веруваат дека се работи за брод кој учествувал во битката кај Чешма, водена во Руско-турската војна (1768-1774), една од најголемите од ерата на флотите едреници. Во таа битка руските бродови, иако биле помалубројни, спектакуларно ја поразуваат турската флота.

Ваквиот пронајдок до кој е дојдено со примена на роботизиран подводен систем не е осамен – британските научници открија во Црното море неоштетен старогрчки брод кој на дното поминал повеќе од 2400 години.

Неодамна на ’ртот Тарханкут на Крим беше пронајден брод изграден пред еден век за кој се претпоставува дека бил спуштен во вода 1920 година и дека се викал „Четвртиот“. А на паробродот „Генерал Коцебу“, кој потонал во 19 век, пролетва во потпалубата беа пронајдени десет сликарски работи. Се верува дека меѓу нив се наоѓаат и платна на познатиот руски сликар Иван Ајвазовски. 

Прочитајте повеќе за најважните моменти во историјата на руско-турските односи

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња