Остатоци од античка гробница украсена со релјефи на кои е прикажан јунакот од старогрчката, односно римската митологија, Херакле или Херкул, се пронајдени и исчистени во текот на археолошките ископувања на некрополата Киз Аул на Крим, соопшти директорот за развој на фондот „Археологија“ Олег Марков.
Стручњаците веруваат дека се работи за монументална камена гробница која била прекриена со степенеста конструкција. Инаку, опљчакана е уште во 19 век. Релјефот на кој е прикажан античкиот јунак Херакле (Херкул) се наоѓал до преминот во централната комора. Се верува дека се работи за гробница на старогрчки војници, особено поради пронајдените остатоци на коњи кои се закопувале заедно со господарите. Судејќи според сѐ, припаѓала на некој угледен род кој можел да си дозволи во долг временски период да ги погребува своите мртви во гробници.
Погребувањето не можело да биде извршено пред последната четвртина од II век на нашата ера. Слични прикази се наоѓаат во италијанските гробници од истиот период, пренесуваат руските медиуми. Вакви гробници од првите векови на нашата ера се регистрирани на многу места во близина на Босфорот, што сведочи за обновување на поранешната традиција на монументалната погребна архитектура, тврдат стручњаците.
Пронајдена е и една земјанка, а во неа бронзена тока и врв на стрела. Подрачјето на ископувањата околу гробницата и земјанката е изделено на квадрати, така што е многу можно до 1 септември и крајот на ископувањата да има уште пронајдоци, изјави директорот на фондот „Археологија“. Како што нагласи тој, некрополата припаѓала на мал град-држава, древна населба која била напуштена и поплавена бидејќи се наоѓала во крајбрежната зона на Црното море. На почетокот на годината Керченската градска администрација соопшти дека при изградбата на Кримскиот мост археолозите пронашле вкупно околу еден милион предмети, од кои сто илјади се сметаат за артефакти.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче