Руски генерали: „Прерано се повлековме од Авганистан“

Припадници на Спецназ кои учествувале во операциите во Авганистан.

Reuters
Генерал на армија Виктор Ермаков, кој командуваше со 40 армија во Авганистан, смета дека повлекувањето на трупите било прерано.

„Не смеевме да се повлечеме“, изјави за агенцијата ТАСС генерал Виктор Ермаков, претседател на советот на Општоруската граѓанска организација на ветераните на Вооружените сили на Русија. Тој од мај 1982 до ноември 1983 беше командант на 40 армија која војуваше во Авганистан.

Според него, доколку советската војска останела таму уште неколку години, сега ситуацијата во Авганистан би била сосем поинаква. „Да останевме уште две-три години, денес Авганистан ќе беше потполно поинаква земја“, рече генералот.

Слично мислење изнесе и генерал-полковник Иван Тетерин, пратеник во Државната дума и началник на Академијата на државната противпожарна служба на Министерството за вонредни состојби на РФ, кој учествувал во борбените дејствија во Авганистан како старешина за врска во 201 механизирана пешадиска дивизија на 40 армија на Туркестанскиот воен округ.

Тетерин вели дека уште тогаш, кога СССР ги повлекувал трупите од Авганистан, можело да се предвиди ширењето на опасноста од тероризам. „Малку непријатно се чувствувавме што тензијата ќе остане [во Авганистан по повлекувањето на советските трупи]. Уште тогаш можеше да се прогнозира дека од таа страна ќе се заканува опасност и дека таа опасност ќе ја претставуваат разноразни терористи како Ал Каеда и Талибанците, а подоцна и „Исламската држава“, која е само продолжеток на Ал Каеда“, истакна тој.

Ветерани на авганистанската војна со вотка и каша евоцираат спомени за загинатите другари.

Според мислењето на рускиот пратеник, настаните кои уследија само ја потврдиле потребата дека против такви закани треба да се бори додека се сѐ уште далеку од Русија. „Заминувавме со високо крената глава, свесни дека не ја загубивме војната на бојното поле и дека татковината треба да се брани далеку од неа за таа несреќа подоцна да не стигне и до нас <...> Потсвесно согледувавме дека опасноста таму и понатаму ќе биде присутна, иако не знаевме како ќе се вика“, нагласи генерал Тетерин.

Прочитајте повеќе: Генерал на 40 советска армија развеа четири мита за војната во Авганистан

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња