Зошто СССР испрати трупи во Авганистан?

В. Кисељов/Sputnik
Советскиот Сојуз испрати ограничен воен контингент на молба на авганистанските власти. САД беа мошне задоволни што советскиот лидер Леонид Брежњев конечно си доби свој „Виетнам“ и што заглави во него.

Никој не знае како загина авганистанскиот лидер Хафизула Амин. Едни тврдат дека извршил самоубиство, а други дека го убил некој авганистански офицер. Едно е секако сигурно: тоа се случило истата ноќ кога советските специјални единици извршија офанзива на неговата доброчувана резиденција, дворецот Тајбег. Тоа се случи на 27 декември 1979 година.

Ова беше првиот впечатлив знак на учество на СССР во граѓанската војна во Авганистан. Советските единици помеѓу 25 и 27 декември влегоа во земјата и ја презедоа контролата над нејзиниот главен град Кабул. Така започна воената операција која ќе трае во следните 10 години. Често не се земе предвид фактот дека тоа не беше окупација. Амин деветнаесет пати го преколнуваше Брежњев да испрати единици. Причините за ваквите молби беа прилично сложени.

Несакана победа

Звучи парадоксално. Но кога просоветски настроената Народна демократска партија на Авганистан (НДПА) ја зазеде власта по пат на воен преврат (Саур револуцијата од 1978 година) московските партиски раководители беа незадоволни. „Претходно советската политика беше насочена кон зачувување на неутралноста на Авганистан“, објаснува историчарот Никита Мендкович.

Тоа беше во екот на Студената војна, па се чинеше дека неутрален Авганистан е добра тампон-зона помеѓу советските средноазиски републики од една страна и советските ривали Пакистан, Иран и Кина од друга.

Кога на власт дојде Народната демократска партија на Авганистан сите овие држави, како и западните земји тоа го доживеаја како закана за ширење на советскиот комунизам на југ во правец на Блискиот исток кој изобилува со нафта, и поради тоа дејствуваа на соодветен начин, односно ја поддржуваа опозицијата, меѓу другото и вооружените исламски востанија.

Социјалистите ја расипаа работата

Нур Мухамед Тараки, првиот шев на Демократска Република Авганистан, не најде заеднички јазик со својот народ. Тараки како изразит левичар започна социјални и економски реформи – им ја подели земјата на селаните (што ги разгневи богатите земјопоседници), го укина шеријатот и воведе задолжително школување за женските деца (што ги разгневи радикалните исламисти).

Москва, СССР, 10 септември 1979 година. Леонид Брежњев и генералниот секретар на Народно-демократската партија на Авганистан Нур Мухамед Тараки.

„Дојдете за една година и ќе видите дека нашите џамии се празни“, се фалеше Тараки на високиот претставник на КГБ Владимир Крјучков во јули 1978 година. Уште се фалеше и дека Авганистан, сиромашна земјоделска земја, за неколку години ќе ги усвои советските достигнувања во сферата на бесплатното образование и медицината, општото описменување и тешката индустрија. Меѓутоа, настаните го демантираа: една година подоцна џамиите сè уште беа полни, земјата беше разорена до граѓанската војна, а Тараки беше мртов.

Со Тараки не се пресметаа бунтовниците, ами човекот кој му беше десна рака – министерот за одбрана Хафизула Амин. Тој на 16 септември 1979 година го тргна Тараки, кој потоа беше задушен со перница од страна на луѓето на Амин. Амин ја презеде контролата над партијата и ја продолжи борбата против исламистите (муџахедините) и одржуваше добри односи со СССР (барем така нему му се чинеше).

Да се вмеша или да не се вмеша

Советски војници им покажуваат на авганистански падобранци воена техника

Само неколку месеци пред да бидат испратени единици во Авганистан, советското Политбиро одлучи да го отфрли ваквиот потег. „Единствен начин кој може да ни гарантира револуцијата во Авганистан нема да пропадне е да испратиме единици, но ние тоа никако не смееме да го направиме, премногу е ризично“, рече во март 1979 година Јуриј Андропов, тогашен шеф на КГБ и иден советски лидер по повод првата од низата 19 молби што Тараки, а потоа и Амин му ги упатија на Советскиот Сојуз за испраќање единици во нивната земја.

Ставот на Андропов бил едногласно поддржан, иако Тараки и Амин инсистирале на тоа дека без поддршка од страна на СССР со нивната земја ќе управуваат исламистите чија идеологија ја поддржуваа многумина жители на Авганистан, и чии бунтовнички сили добиваа финансиска поддршка од САД, Кина, Иран и од Пакистан (сиве овие земји ги снабдуваа бунтовниците со оружје). Москва одлучи да ги поддржи авганистанските власти со испорака на оружје и со испраќање воени советници, но не и со испраќање единици. Ваква поддршка СССР му даваше на Авганистан од март до декември 1979 година.

Обид да се избегне пораз

Авганистан, 1 април. Востание на муџахедините во Авганистан против „неверниците“

Што го натера Политбирото да ја промени одлуката? Го принуди геополитиката. Имено, Брежњев и неговите колеги стравуваа дека ќе го изгубат Авганистан, со оглед дека кон крајот на 1979 година антивладината коалиција контролираше 18 од вкупно 26 авганистански провинции, а вооружените сили на централната влада беа на работ на распаѓањето. Советите се плашеа дека оваа земја наскоро во целост ќе беше под исламска контрола, а Авганистан беше премногу важен за да си дозволат толкав неуспех.

Брежњев сметаше дека контролата над целиот Авганистан од страна на исламистите или од страна на прозападно ориентираните востаници претставува опасност за средноазиските републики на СССР, каде во пограничната зона (и на територијата на Авганистан и СССР) живееја Таџици и Узбеци, а тие беа мошне лесен залак за муџахедините. „Се смета дека Централна Азија со своето исламско наследство е помалку советски настроена и дека странското влијание на ова подрачје претставува голема опасност“, пишува Мендкович.

Доколку просоветските власти во Авганистан би ја изгубиле битката против исламистите, во оваа земја би можеле да се појават кинески или американски воени бази, што би претставувало опасност за многу советски стратешки објекти. Политбирото не беше подготвено да се соочи со таков ризик и дојде до заклучок дека воената интервенција ќе биде помало зло. Воено советскиот политички врв одлучи да се ослободи од Амин, претпоставувајќи дека тој под притисок би можел да се сврти кон Америка.

Тоа беше замка

Област Сухандарја, Узбекистанска советска социјалистичка република, СССР. Старица со солзи ги дочекува советските војници кои се враќаат од Авганистан.

Советското воено присуство во Авганистан траеше до февруари 1989 година. За тоа време според официјалните извори загинале 15.000 советски војници (и најмалку 640.000 Авганистанци). И покрај толкавите жртви, целта не беше постигната: просоветската влада падна само неколку месеци по повлекувањето на советските единици. Оваа воена интервенција катастрофално влијаеше врз имиџот на Советскиот Сојуз во светот, го наруши чувствителниот баланс на односите на силите помеѓу СССР и САД во Студената војна и само ја зајакна тензијата помеѓу двете суперсили.

Советското воено присуство во Авганистан го забрза распадот на СССР. „Авганистанската војна влијаеше на влошувањето на економската состојба во Советскиот Сојуз и го разниша единството во самото советско општество. Големиот број жртви предизвика незадоволство во земјата“, пишува политикологот Алексеј Богатуров во книгата „Историја на меѓународните односи, 1945-2008“.

Одлуката на СССР да испрати единици во Авганистан во Америка беше дочекана како добра вест. „Ние не ги поттикнувавме Русите да интервенираат,, но свесно влијаевме да се зголеми веројатноста од таква интервенција“, изјави своевремено во интервју за списанието „Le Nouvel Observateur“ Збигњев Бжежински, советник за национална безбедност во администрацијата на претседателот Џими Картер од 1977 до 1981 година.

Збигњев Бжежински

„Дента кога Советите официјално ја преминаа границата, му напишав на претседателот Картер: 'Сега имаме можност да му обезбедиме на СССР негов сопствен Виетнам'. И навистина, во текот на нецели 10 години Москва мораше да учествува во војна која го дестабилизираше и го деморализираше општеството, и на крајот доведе до распад на советската империја“, изјави Бжежински.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња