Кадиров: „На „Последниот император“ не му прилега да лежи по 35 секунди борба“

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Првиот човек на Чеченија Рамзан Кадиров изјави дека рускиот ММА борец Фјодор Емелјаненко загубил од Американецот Рајан Бејдер затоа што повеќе се занимавал со политика и самореклама отколку со спорт.

„Не мораш да бидеш посебно стручен во ММА борбите за да сфатиш дека Фјодор Емелјаненко не беше подготвен за борба. Страшниот „Последен император“ изгледаше жално. И мене тоа ни најмалку не ме чуди. Во последно време тој повеќе се занимаваше со политика и самореклама отколку со спорт“, напиша Кадиров на својот профил на „Телеграм“.

Тој исто така изјави дека сака да го поддржи Емелјаненко и го повикува да тренира во чеченскиот спортски клуб „Ахмат“, додавајќи дека Фјодор изгубил скапоцено време критикувајќи го тој клуб „место да тренира и да се подготвува за борбата“.

 „Но тоа е сѐ во минатото! Вратите на клубот „Ахмат“ се ширум отворени за Фјодор Владимирович! Ветувам дека во спортската сала нема да има време за приказни. А најважно е тоа што по некое време ќе биде подготвен достоинствено да настапи во октагонот“, напиша Кадиров.

На човек кого го викаат „Последниот император“ не му прилега да лежи по 35 секунди борба, додаде Кадиров.

Во финалето на Гран-прито „Белатор“ во тешка категорија „Последниот император“ го загуби мечот против Рајан Бејдер. Веќе првиот удар на Бејдер беше фатален – Фјодор буквално се струполи на подот, по што Бејдер го дотепа со уште два-три удари.  Емелјаненко не даваше отпор и судијата го запре мечот.