Руски стратешки бомбардери Ту-160 летаат над Карипското море (ВИДЕО)

Рускиот ТВ-канал „Ѕвезда“ објави видеоснимка од прелетот на стратешките ракетоносци Ту-160 над водите на Карипското море. На снимките направени од кабината на авионот се гледа екипажот на леталото, контролните табли, како и Карипското море.

Летот е извршен во склоп на меѓународната посета на делегацијата на Воздушно-космичките сили на Руската Федерација на Венецуела. Траењето на летот беше околу девет часа.

Оваа недела два стратешки ракетоносци Ту-160, еден тежок воено-транспортен авион Ан-124 и долголиниски млазњак Ил-62 на Воздушно-космичките сили долетаа во Венецуела на покана на локалните власти.

Според венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино Лопез, заедничките летови се со цел државата да се подготви за одбрана во случај на каква било агресија.

Ова предизвика загриженост кај САД и Организацијата на американскита држави (ОАД).

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро изјави дека посетите на воени авиони на други земји ќе продолжат.

Ту-160 е суперсоничен стратешки бомбардер и ракетоносец со променлива геометрија на крилата, произведен од Конструкторското биро „Туполев“ во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Во оперативна служба влезе 1987 година. Развива максимална брзина од преку два маха (2220 километри на час), а во состојба е да понесе 40000 килограми убојни средства, кои можат да вклучуваат и нуклеарно оружје. Меѓу пилотите го доби прекарот „Бел лебед“.

Прочитајте повеќе: Грмежи во Каракас: Која е основната цел на посетата на руската стратешка авиогрупа на својот сојузник

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња