Во понеделникот, 10 декември, силна воздухопловна група на Воздушно-космичките сили на Русија слета на меѓународниот аеродром „Маикетија“ во Каракас. Групата се состои од четири авиони со респектабилни димензии. Ја сочинуваат два стратешки бомбардери-ракетоносци Ту-160, еден тежок воено-транспортен авион Ан-124 и патнички авион со голем долет Ил-62.
Воздухопловната група без попатно слетување прелета растојание од речиси 10 илјади километри. Авионите поминаа преку акваториите на Баренцовото, Норвешкото и Карипското море, како и преку водниот простор на Атлантскиот океан. Во фазата на летот над акваторијата на Норвешкото море оваа група ја придружуваа авиони-ловци F-18на Военото воздухопловство на Норвешка, соопшти руското Министерство за одбрана.
Домаќините на аеродромот „Маикетија“ срдечно ги дочекаа своите гости. Во целата манифестација учествуваше министерот за одбрана на Венецуела генерал Владимир Падрино Лопез, бројни венецуелски генерали и претставници на руската дипломатско-конзуларна мисија во таа земја. Генералот ѝ ги соопшти на телевизиската куќа Telesur причините за оваа посета на руската стратешка воздухопловна група. Тој притоа истакна дека никој не треба да се плаши од авионите кои ја посетија Венецуела. „Ние сме градители на мир, а не на војна“, истакна венецуелскиот министер.
Предвидено е руските бомбардери заедно со Военото воздухопловство на Венецуела да извршат заеднички лет над сојузната држава Варгас која ја заплискуваат топлите води на Карипското море. Според Лопез, заедничката воена вежба ќе ја потврди подготвеноста на венецуелската војска да ја брани својата држава „од можна надворешна агресија“.
Од руското Министерство за одбрана открија детали за интерконтиненталниот лет на руската воздухопловна група предводена од стратешки бомбардери Ту-160. „Траекторијата на летот на оваа авиогрупа строго се држеше до меѓународните правила за користење на воздушниот простор. На одделни делови од траекторијата, забележани се норвешки ловци F-18 кои ја следеа нашата група“, соопшти руското министерство.
Овој настан не помина без реакција на американските медиуми. Така интернет порталот Washington Free Beacon ја коментираше реакцијата на Пентагон. Според овој медиум, во Вашингтон будно следат што се случува во Венецуела. Особено што во состав на оваа група се наоѓаат два потенцијално опасни летечки објекти кои можат да ги загрозат САД во целина, а тоа се стратешките ракетоносци Ту-160.
Американските воени аналитичари пишуваат дека овој авион во своето вооружување има крстосувачки ракети со голем дострел кои можат да погодат цели во практично сите делови на САД. Според Пентагон, руските стратешки бомбардери пристигнале во Венецуела за да изведат серија воени вежби кои ќе вклучуваат дополнување на авионите со гориво додека тие сѐ уште се во воздух на илјадници километри оддалеченост од своите матични аеродроми.
Ова не е прва посета на руски стратешки бомбардери Ту-160 на рускиот сојузник во Латинска Америка. Тие ја посетија оваа оддалечена држава во 2008 и 2013 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче