Фјодор Емелјаненко го нокаутира Сонен во првата рунда и се пласира во финалето на турнирот „Белатор“

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Во полуфиналниот меч на ММА турнирот во организација на „Белатор“ (Bellator), кој се одржува во Њујорк, познатиот руски борец Фјодор Емелјаненко во првата рунда со технички нокаут го победи Американецот Чел Сонен и се пласираше во финалето.

Веќе во првите секунди од мечот Емелјаненко му зададе на Сонен силен удар и го собори, а потоа го повика да стане и да ја продолжи борбата. До крајот на мечот Фјодор уште неколку пати го повикуваше Сонен да стане. „Американскиот гангстер“ (прекарот на Чел Сонен) се обидуваше да ја префрли борбата во партерот, но „Последниот император“ подобро се снаоѓаше и во партерот, за на крај да му зададе на Сонен неколку тешки удари по кои овој престана активно да се брани и судијата го прекина мечот.

Откако во 2015 година ја обнови кариерата и се врати во октагонот, Емелјаненко имаше пет борби. Во текот на својата 17-годишна кариера Фјодор настапи во вкупно 44 меча (38 победи, 5 порази и 1 прекината борба).

Неговиот противник, 41-годишниот Сонен, имаше 47 мечеви (30 победи, 16 порази и 1 нерешена борба).

Мечот против Сонен беше третиот по ред на Фјодор во организација на „Белатор“. Во финалето за титулата шампион на „Белатор“ руската и светска легенда на мешаните боречки вештини ќе се сретне со Американецот Рајан Бејдер, кој во вториот полуфинален меч го совлада Мет Митрион.

На конференцијата за новинарите веднаш по мечот Емелјаненко беше прашан дали ќе ја заврши кариерата по завршната борба на турнирот „Белатор“. Фјодор не исклучи таква можност, велејќи дека сѐ зависи од тоа како ќе се чувствува и дека конечниот одговор на тоа прашање ќе го даде по финалниот меч. Како што беше најавено на конференцијата, тој меч е планиран за јануари 2019 година.

Прочитајте повеќе: Гладијатори на 21 век: Најопасните руски ММА борци во акција