Русија има во план да влезе во елитното друштво на производителите на автомобили од премиум класата, станувајќи им конкурент на британските брендови како што се „Ролс-Ројс“ и „Бентли“, или германскиот „Мајбах-Дајмлер“, пишува германски „Ди Велт“.
Како што се истакнува во текстот, „Аурус“ е првиот руски автомобил од премиум класата создаден по осумдесеттите години на минатиот век, значи цели три децении, пренесуваат руските медиуми.
Авторот на статијата пишува дека успехот на новите новите руски луксузни возила треба да го обезбедат германски инженери, „парите на арапските шеици“ и имиџот на претседателот на Русија Владимир Путин кој се префрли на новата лимузина „Аурус“.
Германскиот весник потсетува дека шефот на руската држава претходно користеше лимузина „Мерцедес-Бенц“ модел С-600 „Гард Пулман“, како и дека во 2012 година е донесена одлука странскиот модел да се замени со автомобил од руско производство.
Како што се нагласува во текстот, Русија успеала да развие свои автомобили од премиум класата вложувајќи мала сума на пари за таков вид проект од 12,4 милијарди рубли. Особено ако се има предвид дека проектот беше проширен по одлуката за производство на автомобилите не само за потребите на државата, туку и во комерцијални цели.
Министерот за трговија и индустрија Денис Мантуров изјави дека цената на возилата марка „Аурус“ ќе биде поголема од цената на „Мерцедес Ц-класата“, но дека ќе чини помалку од „Ролс-Ројс“. Кон крајот на август на Московскиот саем на автомобили премиерно беа претставени седанот и лимузината „Аурус Сенат“, цивилната верзија на автомобилот од проектот „Кортеж“.
Проектот „Кортеж“ подразбира семејство автомобили за највисоките државни функционери во каросериски верзии лимузина, седан и минивен, засновани на единствена модуларна платформа. Носител на проектот е Централниот научноистражувачки автомобилски и автомото институт. Називот „Аурус“ (Aurus) настана со спојување на латинската ознака за злато (Aurum) и кратенката од зборот Русија (Russia).