НАТО за вежбата „Восток-18“: Немаме ништо против но бараме транспарентност и предвидливост

НАТО будно ќе ја следи вежбата „Восток-2018“ на која ќе учествуваат и Кинезите

НАТО будно ќе ја следи вежбата „Восток-2018“ на која ќе учествуваат и Кинезите

Слободан Ѓукиќ
„Ние ја гледаме стратешката воена вежба „Восток-2018“ како желба на Русија сѐ посилно да се афирмира на меѓународен план. Следиме сѐ што прави Русија во последно време, како ги зголемува борбените потенцијали на својата армија и како го нараснува нејзиното воено присуство во западните и јужните региони на Европа како што се Прибалтикот и Црното море, но и Медитеранот“.

Североатлантскиот воен сојуз будно ќе ја следи најавената руска воена вежба „Восток-2018“, соопшти денес официјалниот претставник на оваа организација Дилан Вајт.

На прашањето на информативната редакција на Интерфакс каква е позицијата на НАТО за претстојните воени вежби, Вајт одговори дека „сите земји имаат право самостојно да спроведуваат воени вежби, но дека е важно тие да бидат транспарентни и предвидливи“.

Претставникот на сојузот нагласи дека НАТО и Русија редовно имаат заеднички брифинзи на кои едни со други се известуваат за планираните воени вежби. Последниот таков состанок се случи во мај оваа година. „За време на тоа заседание Русија нѐ информираше за намерите да организира воена вежба „Восток-2018“ и напомена дека таа ќе има стратешки карактер, исто како и вежбата „Восток-2014“, додаде претставникот на НАТО пактот.

Според него, стратешката воена вежба „Восток-2018“ има за цел да ја демонстрира способноста на руската армија да учествува во конфликт од широки размери. „Сето тоа се вклопува во нашата слика за денешна Русија, која преку овие активности сака да ја афирмира својата улога во светот. Таа го прави тоа преку формата на значително зголемување на воените издатоци за руската армија и пораст на нејзиното воено присуство. Изминативе години сме сведоци на сериозно нараснување на воениот потенцијал на руската армија, посебно во балтичкиот и црноморскиот регион, а исто така и на Медитеранот. Истовремено, Русија покажа дека не се плаши да употреби воена сила против своите соседи, како што е случајот со Украина и Грузија“, истакнува Вајт.

Тој додуша изјави дека „воените претставници на земјите на НАТО кои се наоѓаат во Русија добија покана да учествуваат како набљудувачи на оваа вежба, но поканата на ниво на сојузот и понатаму се наоѓа во фаза на разгледување“.

Претставникот на НАТО на крај додаде дека просторот каде што се одржуваат овие вежби се наоѓа источно од планината Урал, што не спаѓа во зоната на одговорност на организацијата ОБСЕ, така што Русија нема обврска да повика воени претставници од земјите-членки на оваа организација да учествуваат како набљудувачи на оваа вежба.

Прочитајте повеќе: Руската армија се подготвува да изведе гигантска воена вежба

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња