Министерот за одбрана на Русија генерал на армија Сергеј Шојгу изјави дека стратешката воена вежба „Восток-2018“ според своите размери ќе ја надмине легендарната оперативно-стратешка воена вежба „Запад-81“, одржана уште за време на СССР. Вкупно ќе бидат ангажирани повеќе од 300000 војници со дури 36000 единици различна борбена техника.
Според зборовите на рускиот министер за одбрана, воените маневри „Восток-2018“ ќе се одржат од 11-15 септември на полигоните на Централниот и на Источниот воен округ. Во нив ќе земат учество и единиците на Тихоокеанската и Северната флота и максимално ќе бидат ангажирани составите на Воздушно-десантните сили.
„Можете само да си замислите каков ќе биде тоа интензитет и обем на вежбата кога истовремено ќе се употребат 36000 единици различна борбена техника (тенкови, оклопни транспортери, борбени возила на пешадијата итн.), во услови кои се во целост приближени до борбените“, коментира рускиот министер за одбрана.
На оваа вежба, покрај руската армија ќе се најдат и јаки експедициски борбени контингенти војска на Кина и Монголија кои во Русија ќе испратат илјадници војници со огромна количина најсовремена борбена техника.
Основната цел на учеството на вооружените сили на овие две земји е сеопфатно унапредување на кинеско-монголско-руските односи кои попримија форма на стратешко партнерство и меѓусебна соработка, потоа понатамошно јакнење на врските меѓу трите армии, заедничко увежбување на оперативни борбени состави за изведување ефикасни операции против различни безбедносни предизвици кои се јавуваат денес во светот, како и јакнење на способноста за заеднички форми на мировни операции во регионот и надвор од него.
Оперативно-стратешката воена вежба „Запад-81“ беше одржана од 4 до 12 септември 1981 година на територијата на Белорускиот, Киевскиот и Прибалтичкиот воен округ, како и во акваторијата на Балтичкото море. Во неа учествуваа практично сите видови и родови на советската армија заедно со вооружените сили на земјите кои го сочинуваа Варшавскиот пакт. Покрај територијата на тогашниот СССР, вежбата беше организирана и на тлото на неколку сојузнички држави. Според својот обем претставува една од најголемите воени вежби во историјата на тогашниот СССР и неговата армија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче