Шпански медиуми: Стравот од пораз се чувствуваше во секое движење на „Црвената фурија”

Global Look Press

Шпанскиот печат по поразот на Мундијалот од Русија е немилосрден спрема својата репрезентација која ги изневери очекувањата.

Судејќи според коментарите на новинарите од различни весници, сите добро знаеле дека во фудбалот на пиринејското кралство не е сѐ како што треба, но не сакале да го признаат тоа, надевајќи се дека работите ќе се средат самите по себе, пишува рускиот портал „Лајф“.

„Мундијалот за нас фактички почна со стрелање: со отпуштањето на Хулен Лопетегиј. Шпанија направи сѐ за самата себеси да си создаде хаос. Голманот Де Геа покажа дека не е сконцентриран уште на првиот натпревар против Португалија. Се надевавме на Иско, Асенсио, Диего Коста, но надежите испарија“, пишува дописникот на весникот „Марка“ Хозе Луис Уртадо. 

„Русија се поклонуваше, покажувајќи почит спрема шпанскиот напад кој изгледаше како да е по години работа избрусен и светнат до сјај. Но ништо од тоа немаше, туку само некаква улична тактика со реализација на најпримитивно ниво. А Русија ја чекаше серијата пенали и воопшто не се плашеше од таа лотарија. И ја искористи својата шанса. Од првиот ден на Мундијалот Шпанија беше непрепознатлива; уплашена, без својствената на неа цврстина, стабилност, без верба во себе. Што ни преостанува сега? Да живееме во сеќавањата“, заклучува новинарот.  

„Имаше премногу додавања и премалку ситуации за гол. Пасовите не се бодуваат“, пишува дописникот на порталот АС Луис Њето. „Стигнавме на последната станица. Овој шампионат за нас беше стиснат од почеток до крај, од моментот на отпуштањето на Лопетеги до немоќта што ја прикажа Де Геа во серијата пенали, од кои ниту еден не успеа да одбрани. На нашата империја ѝ е потребна темелна ревизија. Во двобојот „Иско против целиот свет“ очекувано победи светот. Моделот на игра од 2008 година повеќе не функционира. Кога ќе се разблажи виното со вода, тоа не станува подобро. Шпанија целото првенство се движеше во лавиринтот што самата го издигна, а не знаеше како да се извлече од него и да го најде патот до противничкиот гол“.  

Водечкиот општествено-политички весник на земјата АБЦ на насловната страница ја објави изјавата на претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија Луис Рубиалес: „Не се каам поради одлуката да го отпуштам Лопетеги во пресрет на Мундијалот и сум горд на нашиот национален тим. Го напуштаме натпреварувањето со болка во срцето. Шпанија беше многу подобра од Русија, но победи оној кој имаше среќа. Во спортот не победува секогаш подобриот“.

„Пеналите ја исфрлија од Мундијалот просечната Шпанија“ – под овој наслов каталонскиот весник „Ла Вангардија“ ја изнесува својата критика спрема репрезентацијата.

„Стравот ја следеше Шпанија на овој Мундијал од првиот ден. Тимот имаше силно тело кое добро реагираше на нервите, но неговиот мозок, изгледа, страдаше од шизофренија”, пишува новинарот на весникот „Гранада“ Ноу Франсиско Ортега. „Тешко е да се каже што се случи со оној тим кој последниве две години нѐ радуваше со својата игра, но... Се покажа дека куќата беше направена од карти и почна да се урива неколку дена во пресрет на шампионатот кога беше отпуштен Лопетеги. Целосно е урната со ударот на Аспас од белата точка. Шпанија не пројде понатаму од едноставна причина: таа не ни претендираше на тоа. Стравот од пораз се чувствуваше во секое нејзино движење, таа непрекинато очекуваше неуспех“.

„Натпреварот против Русија, како и целокупниот настап на ова Светско првенство, беа посмртното збогување со златната шпанска репрезентација“, убеден е коментаторот на весникот „Ел Мундо“ Орфео Суарез. „Четирите натпревари на овој Мундијал се еден бесконечен ужас. Мечот на стадионот „Лужники“ нема да ни остане во сеќавањето како рамноправна борба на ривалите до изнемоштеност и последниот атом на силата. Ќе ни остане во сеќавањето како пример за импотенција. Кога сѐ е во твоите раце, поточно нозе, а финалниот напор изостанува“.

Прочитајте повеќе: „Русите со хероизам се изборија за своето“: Европски медиуми за победата на „Сборнаја“ против Шпанија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња