Тоа беше една обична редовна линија на патничкиот авион Ту-154 на малата руска компнија „Алроса“. Во авионот имаше 72 патника и речиси сите се враќаа во Москва од одмор во Јакутија. Патниците веќе беа добиле храна и пијалак, по што задремале. По три и пол часа лет во авионот ненадејно се згасиле сите светла.
Михаил Мељничук / Sputnik
Тоа се случи на 7 септември 2010 година во 6 часот и 57 минути наутро. Ту-154 леташе над тајгата на висина од 10.600 метри.
„Не спиев. Забележав дека авионот почна да се спушта, иако според времето имаше уште доста да се лета до Москва. Погледнав низ прозорецот, а на сите страни имаше шума. Но, не е можно да сме се вратиле назад“, се сеќава Андреј Кодратев, еден од патниците на овој авион. „Значи нешто се случува. Во тој момент се појави стјуардот и рече дека принудно ќе слетаме и дека секој треба да се склопчи во поза на ембрион. Моето тригодишно дете ми спиеше на колена. Жена ми седеше покрај мене. И двајцата се склопчивме“.
Принудно слетување
TASS
Според капетанот на екипажот Евгениј Новосјолов, најпрво се исклучил автоматскиот пилот. Веднаш потоа откажале сите инструменти. „Јас секогаш мислев дека резервниот вештачки хоризонт мора секогаш да биде запален, но тогаш откажаа сите три. Со таков дефект принудното слетување е неизбежно, но немавме дури ни радиоврска. Не знаевме каде е најблискиот аеродром“, раскажува Новосјолов.
Тоа утро беше облачно, така што пилотите не можеле да ја видат земјата. „Нема струја, пумпите не работат. Немаш врска за да знаеш што ќе преземеш, во секој случај за 30 минути ќе ти откаже моторот. Единствена варијанта беше понирање во облаците и принудно слетување. На невидено“, се сеќава тој.
Имаа среќа. На едно место облаците биле раздвоени и пилотите виделе река во шумата. Авионот може да се спушти на вода, но мали се шансите некој да преживее. А, потоа виделе авионска писта.
„Помислив дека тоа е веќе халуцинација“, вели Новосјoлов.
Михаил Мељничук / Sputnik
Трипати се приближувале на пистата. Таа била премногу куса за Ту-154, а авионот леташе со многу поголема брзина одошто е потребна зашто не му работеа закрилата и предкрилата. Ту-154 не се запре на пистата – мина уште 164 метри, „преорувајќи“ ја земјата и шумата пред себе. „Видов како крилото сече стебла и како лета иверка. Во авионот беше паника. Тајгата беше мокра и се крена пареа, а сите мислеа дека авионот гори“, вели Кондратев.
На патничката Надежда Филимонова ѝ притрчала стјуардеса со спрајт и со валидол. „Сите гласно плачеа“, вели таа. „Прво нешто што сите го помисливме беше 'Зошто ова ни се случува токму нам?'“.
Еден човек во шумата
Никој од патниците и од членовите на екипажот не загина. Мошне бргу стасаа пожарникарите и брзата помош. Луѓето се спуштаа по надуваниот трап. Не можеа да веруваат дека останале живи.
„Спасоносната“ писта му припаѓаше на аеродромот на селото Ижма. Претходно тоа беше аеродром за локални авионски линии, но од деведесеттите години од минатиот век е користен како писта за хеликоптери. Од 126 луѓе, колку што работеле тука, останал само еден – Сергеј Сотников. Тој 12 години секојдневно пешачел 5 километри до аеродромот и ја одржувал напуштената писта. На прашањето зошто го правел тоа кога никој не барал такво нешто од него, Сотников одговора:
„Јас не им дозволував на луѓето да јаваат коњи на пистата. По нив останува ѓубре, тоа се суши, хеликоптерите сето тоа го креваат во воздух и сѐ ти лета в очи... Тоа не е добро. А, можат и гранки да паднат и да останат тука, луѓето фрлаат шишиња.. Јас ја одржував пистата за себе, за сѐ да биде убаво“.
Поради тоа со текот на времето тој ги исекол дрвјата што биле во близина на пистата и никому не дозволувал на неа да ја остава колата, да остава дрвја и други предмети. Да не го правел тоа Сотников во 2010 година не ќе можеше да се спушти на оваа писта.
Што се случи потоа со авионот Ту-154?
Комисијата установи дека дефектот бил предизвикан од прегревање на акумулаторот што предизвикува краток спој и исклучување на целосната електроника во авионот.
Владимир Родионов / TASS
По споменатиот настан авиопревозникот мораше да го отпише овој авион зашто беше во голема мера оштетен. Од пистата е извлечен со трактор. Сепак, авионот беше оспособен и потоа одлета од Ижма.
Подоцна беше поправен и веќе во 2011 година јакутската компанија реши да го врати во својот авиопарк. Според тоа, оној ист советски Ту-154 кој е направен во седумдесеттите години од минатиот век сѐ уште сообраќа на релацијата Јакутија-Москва.