По победата во средбата со Египет во второто коло од групната фаза на Светското првенство во фудбал, напаѓачот на репрезентацијата на Русија Артјом Ѕјуба откри во што е тајната на успехот на рускиот тим и што ќе биде клучно за победа над селекцијата на Уругвај.
Според Ѕјуба, за победата во средбата со Египќаните од пресудно значење бил фактот дека руските играчи не се повлекувале на ниту еден дел од теренот.
„Среќата малку нѐ послужи и на крај заслужено победивме. Успеавме да го задржиме Салах и сите нивни брзи напади“, нагласи офанзивецот на руската репрезентација.
Како што рече тој, избраниците на тренерот Станислав Черчесов во продолжението на Светското првенство ги очекуваат противници од вселенска класа.
„Добро е што на почетокот за противник ја имавме Саудиска Арабија, а потоа Египет, а во иднина во принцип ќе биде вселената“, рече Ѕјуба, истакнувајќи дека следните ривали ќе бидат сѐ посилни.
„Почнуваме да сфаќаме каква брзина и дуели нѐ очекуваат. Овој пат успеавме да победиме, затоа што бевме единствена целина. Се боревме до крај не дозволувајќи му на противникот да здивне и тоа ќе биде клучно за победа над репрезентацијата на Уругвај“, рече тој.