Напаѓачот на репрезентацијата на Русија Артјом Ѕјуба ги сподели своите впечатоци по победата над репрезентацијата на Египет.
„Во пресрет на натпреварот зборувавме за тоа дека задолжително мора да го направиме овој историски чекор. Цел живот се стремевме кон тоа, за тоа сонувавме. На домашното Светско првенство сѐ игра за нас: прекрасните стадиони, одличната атмосфера”, изјави Ѕјуба.
Тој додаде дека екипата верувала во успех и покрај критиките од новинарите и навивачите: „Сакавме да победиме, затоа малку нѐ нервираше кога нѐ критикуваа премногу. Но ние сме бескрајно среќни. Многу сме горди што им приредивме на луѓето ваков празник“. Рускиот репрезентативец додаде дека неговиот тим сега сака да го заземе првото место во групата.
На 19 јуни на вториот натпревар во групната фаза на Светското првенство репрезентацијата на Русија го порази тимот на Египет со резултат 3:1. Најпрвин одбранбениот играч на Египет Ахмет Фахти си даде автогол, а потоа мрежата на египетскиот тим ја затресоа играчот за врска Денис Черишев и Ѕјуба. Покрај рускиот голман Игор Акинфеев топката од пенал успеа да ја протне египетскиот напаѓач Мохамед Салах.
Светското првенство во фудбал ќе трае до 15 јули. Натпреварот од второто коло меѓу Саудиска Арабија и Уругвај, кои се наоѓаат во истата група со селекциите на Русија и Египет, се игра денеска во Ростов на Дон.