Kримскиот мост, чија друмска делница беше отворена за сообраќај пред два дена, денеска се појави и во апликацијата Google Maps.
Според информациите од 13 часот мостот е внесен на мапите на Гугл. Меѓутоа, сервисот не нуди опција за движење со моторни возила од Таманкиот до Керченскиот полуостров, предлагајќи користење на траект, пренесува ТАСС.
На сервисот Яндекс.Карты Кримскиот мост инаку се појави уште на 15 април – месец дена пред претседателот на Русија Владимир Путин на чело на колоната од 30 товарни возила, зад воланот на камион КамАЗ, свечено да го отвори преминот за сообраќај.
Според информациите на Јандекс мапата преку мостот води автопатот од федерално значење А-290 Новоросијск - Керч.
Во првите 24 часа по отворањето на преминот по Керченскиот мост поминаа околу 21 илјада возила. Поради дефекти и празни резервоари службите за патишта евакуираа четири автомобила, а припадниците на сообраќајната полиција напишаа неколку казни поради пречекорување на брзината чие ограничување изнесува 90 километри на час.
Мостот на 16 мај беше отворен за патнички автомобили и автобуси, додека движењето на товарни возила ќе биде дозволено дури наесен. До крајот на идната година е планирано пуштање во сообраќај и на железничката делница на најдолгиот мост во Русија и Европа (19 км).