Нов документарен филм на RT: „Западот ја цензурира Црвената армија во историјата“

RT
Филмот „Потсетување“ напоменува колку голема беше жртвата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна и укажува на тоа дека Европа го игнорира придонесот на СССР во победата над нацистичка Германија.

„Во западните книги посветени на историјата се брише вистината за тоа како Црвената армија ја спаси Европа од нацистите, а руските војници сѐ почесто се прикажуваат како угнетувачи и окупатори, а не како спасители“, се наведува во новиот документарен филм на компанијата RT под наслов „Потсетување“. Како доказ за своето тврдење рускиот ТВ-канал ја наведува Полска во која Долниот дом на парламентот одобри нацрт-закон за отстранување на спомениците од советскиот период, вклучувајќи ги и спомениците на војниците од Црвената армија. Тој нацрт-закон го предложи полскиот Институт за национално сеќавање чиј професор изјави: „Можам со сигурност да кажам дека овде Црвената армија се доживува како освојувач која ја окупираше нашата територија“. Во истиот дух полските водичи низ концентрациониот логор Аушвиц не споменуваат дека бил ослободен од руските војници. Место тоа тврдат дека Втората светска војна не ја почнал само Адолф Хитлер туку и Сталин.

Па сепак, не сите во Полска се задоволни од новиот закон. „Полскиот народ ги стекна независноста и слободата од германскиот нацизам со помош на советската армија. Ние, родените по војната немаше ни да се родиме доколку Хитлер го победеше Сталин“, вели во споменатиот документарен филм полковникот на полската армија во резерва Тадеуш Ковалчик.

„Луѓето забораваат или не сакаат да се сетат што им подготвуваше Хитлер на Словените. Тие забораваат дека според неговиот план требаше 3 милиони Полјаци да останат живи како германско робје, а Русите да се истребат заедно со Евреите“, вели Јержи Тиц, претседател на меморијалното друштво „Курск“ во Полска.

Петер Шихл, истражувач од австриското меморијално друштво „Црн крст“ кое се грижи за гробовите на советските војници, зборува за човечката димензија на она што се случи пред повеќе од 70 години. „Паднатите војници, или оние кои умреа во заробеништво, исто така имаа мајки и семејства. Независно од националната и верската припадност мајчината тага е секога иста“.

Во поголемиот дел од европските учебници за ова речиси ништо и не се зборува, како што не се зборува дека Полска во 1934 година беше првата европска земја која со Хитлер потпиша Договор за ненапаѓање – таканаречениот Пакт Пилсудски-Хитлер.

Покрај тоа, во книгите посветени на историјата не се споменува ниту фактот дека и Велика Британија и Франција го потпишаа Минхенскиот договор со Хитлер. Тој договор ѝ овозможи на Германија со помош на Унгарија и Полска да изврши анексија на Чехословачка меѓу 1938 и 1939 што послужи како „иницијална каписла“ за почетокот на Втората светска војна.

Тадеуш Ковалчик во документарниот филм вели дека „по 50 години  полските деца ќе мислат дека Полска не била ослободена од Црвената армија туку дека тоа го сториле Американците“. Како што нагласуваат авторите на филмот, „малкумина на Запад знаат дека во Европа загинаа околу 300000 американски војници додека Советскиот Сојуз имаше 25 пати повеќе жртви. Згора на тоа, во борбите против Црвената армија на Исток загинаа четири пати повеќе германски војници отколку на Западниот фронт против САД и нивните сојузници“.  

Документарниот филм „Потсетување“ можете да го погледнете и на каналот RTD Documentaries.

Прочитајте повеќе: Кој ѝ ги „истури цревата“ на Хитлеровата воена машинерија?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња