Која е новата руска ѕвезда на уметничкото лизгање?

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Алина Загитова на 15 години го освои домашното првенство во уметничко лизгање.

Родена во Ижевск (1000 км источно од Москва) Алина Загитова  освои златен медал на Националниот шампионат на 23 декември. Тинејџерката во црвен костим уверено и одлично ја продолжи сезоната во која премина од јуниори во сениори: пред само две недели таа го освои Финалето на Гран при серијата во Јапонија.

Вистина, фаворитката на Олимписките игри Евгенија Медведева го пропушти рускиот шампионат поради повреда на стапалото. Меѓутоа, Загитова го освои првото место благодарение на извонредната програма и танцот.

Алина нема многу пријатели. „Луѓето кои постојано ги гледам се во уметничкото лизгање. Но, тоа е спорт и ние сме ривали“, вели таа. Новата ѕвезда на рускиот спорт не сака да чита што пишува печатот за неа и не е многу активна на социјалните мрежи. Таа дури не разговара ниту со членовите на семејството пред настап  (таткото на Алина е, инаку, тренер на рускиот хокеарски тим Ижстаљ). Загитова исто така беше јуниорски првак минатата сезона и победничка на Финалето на Гран при серијата во јуниорска конкуренција.

„Внимавам само на она што самата го правам и никогаш со никого не се натпреварувам“, вели Алина и додава: „ниту со Медведева“.

Кога не лизга Загитова е обична тинејџерка: се опушта гледајќи телевизија и си игра со домашните миленичиња – мачките и чинчилите.

По освојувањето на Гран прито таа изјави за новинарите: „Многу ми значи што го освоив златниот медал на својот прв Гран при, но морам да продолжам да тренирам и не смеам да лежам на ловорики“.

Настапот на Алина Загитова ќе го гледаме на Зимската олимпијада во Јужна Кореја, но под неутрално знаме (Рускиот олимписки комитет е под привремени санкции). „За жал тоа (забраната на знамето) се случи. Но, секој знае која земја ја претставува и јас знам која земја ќе ја претставувам“.

Потсетуваме на настапот на  Аделина Сотникова, олимпискиот шампион од ЗОИ 2014 во Сочи.