Руски Амазонки: Зошто Русинките стапуваат во војска?

Максим Блинов/RIA Novosti
Воената служба сигурно не е лесна, па сепак илјадници Русинки стапуваат во редовите на руската војска и своите задачи ги извршуваат на различни терени - од врелите сириски пустини до подрачјата на Арктикот оковани во мраз. Не сомневајте се во тоа дека својата работа тие ја вршат подеднакво добро како и мажите.

Жените во Русија не потпаѓаат под воената обврска, но имаат право да служат во војската врз основа на договор. Во моментов повеќе од 326000 жени на некој начин се ангажирани во руските Вооружени сили. Овој број опфаќа и војници (45000) и цивилен персонал на воените универзитети, како и во логистичките и медицинските служби итн.

Руските жени кои ја бранат Татковината може да се сретнат во најразлични воени формации на руската војска, па дури и на различни континенти. Тие служат во копнените сили, како и во морнарицата, воздухопловството и стратешките ракетни сили, а учествуваат и во акции на места како што се Сирија и подрачјата на Арктикот.

Воената служба за жените не се разликува многу од службата за мажите и во руската војска не постојат посебни женски единици. Тие живеат во касарните (одвоено од мажите) и минуваат годишни тестирања за психофизичка подготвеност (иако со различни критериуми од оние кои важат за мажите).

Меѓутоа, некои сфери на воената служба не се достапни за жените-војници: тие не можат да вршат гарнизонски и стражарски должности, а нема да ги сретнете ни во борбените екипажи на фронтот, затоа што нивните животи не смеат да бидат директно загрозени.

Првиот исклучок од ова правило дека жените не смеат директно да учествуваат во борби е направен, меѓутоа, оваа година, кога Министерството за одбрана на Русија првпат во руската историја почна со обука на жени-воени пилоти. Првата група ја сочинуваат 16 девојки, а идната година ќе следат уште кандидатки. Некои ќе возат воени транспортни авиони, додека други би можеле да се најдат зад командите на авионите МиГ-35, Ту-160, па дури и на најновиот Су-57.

Исклучително напорната служба во елитните воздухопловни единици е голем предизвик за жените-војници. Освен тоа, жените имаат можност да се докажат и во состав на „сините беретки“. Меѓу нивните задачи е и асистирање при десант на воени единици и опрема.

Што се однесува до напредувањето во кариерата, за жените во војската не постојат ограничувања. Оние најрешителните кои се подготвени да вложат најмногу напори имаат можност да дојдат и до генералски чин. 

Воената служба на жените им носи очигледни предности: социјална заштита, стабилна работа, добра плата, бесплатна и квалитетна здравствена заштита, како и шанса да добијат стан по завршувањето на службата. Исто така, жените-војници не мораат да се грижат за породилното отсуство. Нивната работа сигурно ги чека.

Некои жени веруваат дека нивните вештини и таленти се покорисни во одбраната на земјата од внатрешните, отколку од надворешните непријатели. Во моментов околу 170000 Русинки се вработени во полицијата, не само во администрацијата, туку и како вештаци и оперативци. 

Оние жени кои не сакаат да си имаат работа со оружје, можат да се борат против друг вид непријатели: пожари, поплави и други природни катастрофи. Една од најважните професии за жените во Министерството за вонредни состојби на Русија е работата на психолозите кои им даваат помош на луѓето за време на несреќи и вонредни состојби.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња