Извор: РИА Новости
Пред 250 години, во 1764 година, со указ на руската императорка Екатерина Велика бил основан првиот Институт за девојки-благороднички во Русија – Институтот „Смолни“ во Санкт Петербург. Тој требало „да ѝ даде на државата образовани жени, добри мајки, полезни членови на семејството и општеството“ (така пишувало во императорскиот указ).
Училиште за дворјанки
Во Институтот примале девојчиња не постари од 6 години, и нив ги чекале 12 години обука. Според статутот нивните родители требале да имаат чин не понизок од полковник и активен државен советник, а примале и ќерки на дворјани по род за годишен надомест. Сите ги подготвувале за живот на дворот.
Извор: Lori / Legion Media
Во учебната програма влегувале руска литература, географија, аритметика, историја, странски јазици, музика, танц, цртање, префинети манири, различни видови домаќинство. Девојките живееле според точно определен дневен распоред, а можеле да се видат со блиските само за време на викенд и празници и само во присуство на началничката. Девојката немала право по своја желба или по барање на семејството да ја напушти установата до денот на завршувањето. Со помош на овие мерки императорката планирала да ги извади воспитаничките од конвенционалната средина и да создаде „нов сој луѓе“.
По смртта на императорката почнале да примаат девојчиња на малку подоцнежна возраст (од 9 години) и почнале свесно да ги подготвуваат за офицерски жени. Офицерските жени требало да бидат образовани, способни не само да воспитуваат деца, туку и да умеат да разговараат на високо ниво.
„Смолни“ постоел сè до револуцијата во 1917 година. Од него излегле познати жени, како Марија Будберг (саканата на Максим Горки, агент на НКВД), писателките Нина Берберова, Марија Доброљубова (педагог, милосрдна сестра, револуционер).
Во Руската империја работеле вкупно 12 институти за девојки-благороднички, сместени во различни градови: во далечниот Сибир (Иркутск), на Урал (Оренбург), во европскиот дел (Харков).
Благородничкото потомство на офицерите
Денес сè почесто можат да се видат огласи за прием на девојчиња во училиште за девојки-благороднички или за подготвителни курсеви за девојки-благороднички. Најголема установа од таков вид останува Пансионот за воспитанички на Министерството за одбрана на Руската федерација, основан 2008 година. За основа таму го зедоа искуството од предреволуционерните институти за девојки-благороднички – условите за запишување, листата на предмети и дневниот распоред останаа исти како порано.
За да се запише во Пансионот за воспитанички, девојчето требало да биде од семејство на „воени лица, кои биле на служба во далечни воени гарнизони, со еден родител или од многудетни семејства, ќерки на загинати воени лица и учесници во борбени дејства, наградени со државни награди за исполнување на војничката должност“ – ова е запишано во статутот на установата.
„Ниту јас, ниту моите родители не знаеја какво образование нудат ваквите образовни установи. Сепак, моето запишување беше одлука на моите родители. Ние живеевме во далечен гарнизон и јас со тешкотија можев да си претставам каде ќе отидам“ – раскажува Ољга Павлова, матурантка во училиштето за девојки-благороднички при универзитетот во Москва.
Извор: Владимир Вјаткин / РИА „Новости“.
„Училиштата од таков тип се адаптирани на современата социјална средина – ние не ги изолираме девојките наполно, ние ги учиме на работи кои во обично училиште не ги предаваат“, вели Елена Венедиктова, одговорна за наставата на Академијата за девојки-благороднички при Новосибирскиот кадетскиот корпус. Во таквите работи спаѓаат домаќинство, општествена практика, кореографија – на баловите девојките заедно со момчињата од кадетскиот корпус танцуваат валцер.
За разлика од предреволуционерните девојки-благороднички, современите претпочитаат да го продолжат образованието, најчесто во сферата на хуманитарните науки или во воената сфера. Во ова лежи главната разлика: девојките не само што го напуштаат институтот како прекрасни жени и домаќинки, тие можат да им претставуваат конкуренција при запишувањето на факултет на матурантките од општообразовните школи.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче