Првата жена во вселената Валентина Терешкова вели дека со години добива писма од девојки кои сакаат да станат пилоти, но дека тоа до неодамна беше невозможно сѐ до указот на министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу.
Обраќајќи им се на кандидатките, таа го нарече нивниот избор храбар и го поддржа, знаејќи, како што нагласи таа, колку се силни таквите соништа и желбата да се каже: „Еј, небо, симнувај капа, јас летам“.
Помладата колешка на Терешкова, херој на Руската Федерација Елена Серова, четвртата Русинка во вселената, ја поздравија одлуката „без преседан“ на министерот Шојгу за обука на првите жени-воени пилоти во Русија за која, како што рече таа, одамна веќе постојат добри причини. „Пилотите во Русија отсекогаш ја претставувале елитата“, истакна таа, а „природна особина на Русите, силата на духот, ќе им помогне на студентките да ги надминат сите тешкотии“. Упорната работа на себе е најсигурниот начин да се вивнете на небото, порачаа тие во обраќањето до идните воени пилоти и Терешкова и Серова.
За едно место на Високата воена воздухопловна школа за обука на пилоти, која го носи името на пилотот „Херој на Советскиот Сојуз A. К.Серов“, конкурираат 10 девојки, а деталите од приемниот испит ги пренесува во својата репортажа телевизијата „Русија 24“.
Во разредениот воздух на барната комора идните пилоти минуваат десет минути, а на тој начин се симулира кревање на висина од 5000 метри. Во лабораторијата во која се испитуваат психофизичките можности се тестираат оперативноста, меморијата и логиката. „Цел живот сакам да станам пилот, меѓутоа, се покажа дека кај нас во земјата жени-пилоти не се обучуваат. И, кога конечно се појави таква можност, сакав да го остварам својот сон, да летам и да го освојам небото, да станам воен пилот“, вели една од кандидатките.
На специјален апарат кандидатките поминуваат тест за брза реакција кој порано го полагале познати пилоти и космонаути. Покрај спортските стандарди кои треба да се исполнат, кандидатките треба да ги положат испитите по математика, физика и руски јазик. Како што истакнува Валентина Терешкова, „од нивниот успех и резултатите кои ќе ги покажат ќе зависи понатамошната судбина на тој пат за другите девојки, дали ќе биде затворен или отворен“.
Кои 15 девојки ќе се запишат во Краснодарската воздухопловна школа ќе се знае на 24 септември. Останатите детали, како што се, на пример, кои кадетки ќе летаат во состав на стратешката авијација, а кои, на пример, ќе бидат пилоти на поморската авијација, ќе бидат дефинирани според афинитетите и нивните резултати во текот на школувањето.
Обуката на руските пилоти изменета со оглед на сириското искуство
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче