Слаткарка од Сибир прави слатки во вид на „панелни згради“, „контејнери“ и гулаби (ФОТОГРАФИИ)

Кујна
АНА СОРОКИНА
Сега можете да го пробате вкусот на руската недојдија во вистинската смисла на зборот. Сладокусците беа воодушевени од колачите во вид на стар искинат душек и чоколадните колачи во вид на диви гулаби.

Екатерина Федотовских, слаткар од Сургут, прави навистина необични торти. Во понудата има и пингвини на Антарктикот кои се лизгаат по леден брег, и книга со бајки со овци и ливади. Но, на љубителите на нејзината креативна работа особено им се допадна тематската серија торти во вид на панелни згради.

„Тортата „Панелна зграда“ (рус. „панелка“) настана благодарение на вашите коментари“, пишува Екатерина. „Долго траеше и беше комплицирано. Ми беше жал да ја сечам, а многу интересно за да ја правам!“

Калапот од силикон го направила сама. Влезот во зградата е направен од чоколадни греди, а настрешницата е бисквитна кора во ганаш. Терасите се од фондан на стапчиња (за канапе), а стаклата од изомалт (замена за шеќер, E953). Внатре е обична торта „Шварцвалд“. А ако сакате ефект на блескави прозорци, Екатерина предлага тортата да ја украсите со LED диоди.

А каков е тоа двор без контејнери за ѓубре? Оваа „диорама“, формирана од чоколадо, галети и желе, со стар душек фрлен во ѓубре, собра најмногу коментари од воодушевените следбеници. Внатре е торта од лимон.

Што велите за овој чоколаден телевизор од 1990-тите? „Маската“ на екранот е насловната секвенца на популарната телевизиска куќа „Вид“ која во тие години правеше забавна програма.

Сепак, вистински хит се чоколадните диви гулаби од дворот. Кој би помислил дека се направени од бело чоколадо?