Како Русите пржат мини пити „левашник“ со фил од бобинки што не истекува (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Главната предност на овие мини пити е тоа што ќе добиете мек фил од бобинки, кој не е раскашавен и не тече. Уживајте во овие вкусни мали пити кои ќе ги изедете во неколку залаци.

Среде целата разноликост на руските пирошки, мини питите познати како левашник имаат нешто што е својствено само за нив. Левашник е името на пржените мини пити со фил од бобинки. Она што го разликува левашникот од другите пити со бобинки е тоа што се користи пастила од бобинки наместо свежи бобинки или џем.

Сувите бобинки, или овошната пастила, која на руски е позната како „леваш“, првпат се споменува во „Домострој“, книга од XVI век, која била авторитетен кодекс на правила и совети за домаќинството. Некои стручњаци сметаат дека зборот најверојатно потекнува од ерменскиот збор „лаваш“, што значи тенок сомун.

Во подоцнежниот и многу угледен речник на Владимир Даљ, објавен во XIX век, наоѓаме јадење со слично име - левашник - а тоа се пржени пити што ќе ги направиме денес.

Се верува дека овие пити често се правеле за време на викендите за време на Велигденскиот пост. А знаеме и дека тие ги служеле во домовите на познати руски писатели како Александар Пушкин и Лав Толстој.

Денешниот рецепт за левашник потекнува од готвачот на Вера Филатова - „Нов прирачник за домаќинки“, објавен во 1893 година. Ова е најпопуларниот рецепт за овие мини пити досега. Левашниците се прават како мали вареники - само за два-три залака. Бидејќи тестото се прави без квасец, не е надувано. Филатова во својот рецепт користи и јајце, но можете да пробате посна варијанта со вода и малку вотка или рум.

Како фил користев готова пастила од бобинки од супермаркет. Но, можете да ја подготвите и сами (погледнете го, на пример, нашиот рецепт за смоква од јаболка). Не е комплицирано, но сепак бара малку време. Пастилите се прават од бобинки или овошно пире, кое треба да се вари, да се распореди на рамна површина и да се исуши на ниска температура во рерна.

Кога ќе го пржите левашникот, пастата од бобинки малку се загрева и се топи. Тоа е најдобриот момент да ги јадете - кога питите се топли, филот е мек и вкусен.

Состојки за 16-20 мини пити:

  • Брашно - 200 г
  • Јајце - 1 пар.
  • Рум - 30-40 мл
  • Вода - 2 лажици
  • Шеќер во прав - 1 лажица
  • Сол - 1/2 лажичка
  • Пастила од јагодесто овошје/леваши - 100 - 120 г
  • Растително масло за пржење

Подготовка:

1. Одделете ја белката од жолчката.

2. Жолчката малку се мати. Поголемиот дел измешајте го со белката, а помалиот дел (околу половина лажичка) оставете го на страна. Ќе ви треба добро да ги залепите рабовите на питите.

3. Ставете ги сите состојки освен водата во садот на миксерот со продолжеток за нож.

4. Измешајте ги состојките за да добиете трошлива смеса.

5. Додајте ја водата, лажица по лажица, за брзо да се соединат трошките.

6. Месете ја смесата со раце една минута. Формирајте топка, покријте ја со проѕирна фолија и оставете да отстои 20 минути. Тестото ќе биде многу густо, како за кнедли.

7. Расукајте го тестото. Дебелината ќе го одреди бројот на пити и нивната мекост. Ако тестото е дебело, питите ќе станат многу тврди, особено по ладењето. Колку е потенко тестото, толку помеки се питите. Но, имајте на ум дека со тенко тесто треба да работите повнимателно.

8. Со чаша исечете кругови (со пречник 7 цм).

9. Подгответе го филот. Пастилата ја исеков на парчиња од по 5 г.

10. На секој круг ставете фил.

11. Еден раб премачкајте со жолчка со помош на четкичка.

12. Цврсто затворете ги рабовите.

13. Повторете со сите кругови.

14. Загрејте голема количина масло во длабока тава. Ставете ги питите во неа. Би требало да пловат и да не го допираат дното.

15. Свртете ги кога едната страна ќе се зарумени.

16. Извадете ги питите од маслото. Ставете ги на хартиена салфетка.

17. Послужете веднаш! Ова е важно бидејќи питите се највкусни кога се жешки.

Вашите пити левашник би требало да испаднат крцкави, а филот малку стопен, но и понатаму да остане во питите. Пријатен апетит! 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња