„Смоква“ е стара традиционална руска слатка која, за жал, е заборавена. Меѓутоа, пред неколку века била многу популарна и се викала „сув џем“.
Нашите предци знаеле да прават слатки без желатин, густин и разни ароми, користејќи ги само даровите на мајката природа - овошје, бобинки и мед.
„Смоква“ е старо име за слатка слична на пастила. Меѓутоа, „смоквата“ е погуста, со потемна боја од пастилата и не содржи јајца. Се прави од овошје со висока содржина на пектин - јаболка, дуњи, сливи и диво грозје.
Името „смоква“ не настанало случајно. Порано така се викал плодот на смоква (на руски „инжир“ или „фига, фиговое дерево“), кој се увезувал како егзотичен деликатес. Бидејќи бил прилично скап, готвачите се обиделе да направат нешто свое, слично на престижното овошје. На крај, со експериментирање во кујната, дошле до заклучок дека кога овошното пире се суши на сонце, тоа по малку личи на егзотичното сушено овошје. После тоа, секое кандирано овошје на руски се нарекувало „смоква“.
Рецептот за оваа слатка до денес е внимателно сочуван од неколку генерации домаќинки и сега можеме да уживаме и ние во него.
Јаболка – 1 кг
Шеќер – 800 г
Вода – 1 шолја (обично 200-250 мл)
Како опција: кое било зрнесто овошје од редот на бобинките – 200 г
1. Најпрвин треба да добиете пире од овошјето и бобинките (ако сакате да ги додадете). Измијте ги јаболката и исушете ги од влага. Излупете ги и извадете ги семките. Сечете на големи парчиња.
2. Во тенџере сипете вода и додајте ги јаболката исечени на парчиња, па варете додека овошјето целосно не омекне. Околу 20-25 минути.
3. Со миксер со стапче претворете ја масата во овошно пире или направете го тоа рачно со пасирање преку цедалка.
4. Во пирето додајте шеќер и вратете го на шпоретот. Варете на тивок оган додека не се згусне целосно.
„Смоквата“ од јаболка е готова кога масата лесно се одвојува од дното и страните на тенџерето. Варењето трае околу 40-50 минути.
5. Обложете плех со хартија за печење или уште подобро со силиконска подлога за печење, а потоа рамномерно распоредете ја добиената овошна маса во тенок слој со дебелина од 2-3 милиметри.
6. Сушете во рерна на 70-90 Целзиусови степени додека „смоквата“ не почне да се одвојува од подлогата. Првите два часа сушете го десертот со затворена врата на рерната, а потоа малку отворете ја вратата на рерната и сушете уште 8-10 часа. За да заштедите енергија, „смоквата“ можете да ја сушите во рерна 3-4 часа, а потоа да ја сушите на собна температура два до три дена.
7. По сушењето, замотајте ја „смоквата“ и исечете ја на парчиња. Можете да ја исечете на ленти и со свивање на лентата и виткање во круг да добиете роза.
Се надеваме дека ќе уживате!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче