- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Боршчот е, се разбира, омилено јадење во Русија, но во секој регион се подготвува на различен начин. Во Москва има светла темноцрвена боја поради изобилството на кафено цвекло, додека јужниот боршч има потопла портокалова нијанса бидејќи во него преовладува доматот како основна состојка.
Во Кубан боршчот се појавил во XVIII век заедно со козаците, кои главно ја правеле украинската верзија на ова јадење. Со текот на времето тој рецепт се менувал. Сега, на пример, во Кубан се користи цвекло со светли концентрични кругови и затоа јадењето е посветло.
Јужните региони изобилуваат со зеленчук како што се доматот и пиперката (и блага и лута). Затоа во кубанскиот боршч пиперката и свежиот домат се користат почесто од концентрираното доматно пире.
На рецептот на познатото јадење влијаела и близината на Кавкаскиот регион. Во локалната кујна многу се користат гравот и сувите сливи, така што во оваа варијанта на боршчот наместо компир или како додаток на компирот се користи грав, а сливите дополнително го засладуваат.
Со грав и суви сливи боршчот станува обилно и хранливо јадење, идеално за вегетаријанци или за време на пости. Од друга страна, боршчот најчесто се прави со буљон од месо. Покрај тоа, кавкаската храна е секогаш добро зачинета. Кубанскиот боршч е особено пикантен бидејќи во него се додава „аџика“, лут сос од црвена пиперка.
Кубанскиот боршч е густо, миризливо и хранливо јадење, полно со важни минерали и витамини кои му се потребни на организмот. Жителите на Кубан го готват и во обични денови и на празници.
Потребни состојки за 6 порции (лонец од 3 литри):
- Грав – 1 шолја
- Зелка – ½ главица со средна големина
- Цвекло (прошарано со бели концентрични кругови) – 2 средни или 5 мали
- Морков – 1 парче
- Кромид – 1 главица
- Слатка црвена пиперка – 1 парче
- Говедско месо со коска – 300 г или повеќе
- Свинско месо (од ребра) – 600 г (по желба може да се додаде но и не мора)
- Суви сливи – 60 г
- Домат – 3 парчиња
- Концентрирано доматно пире– 1 супена лажица
- Лук – 2 чешниња
- Луто пиперче – 1 парче (по желба)
- Ловоров лист – 2 парчиња
- Мирудија (по желба) – малку
- Сол и црн бибер – по вкус
- Растително масло (сончогледово, рафинирано) – за пржење
Подготовка:
1. Гравот потопете го во ладна вода според упатството од пакувањето. Јас користев мешавина на грав и ја држев во вода 8 часа. Ако сакате поблага чорба, користете бел грав.
2. Натопениот грав (по 8 часа) се цеди, се додава говедското месо, се налева ладна вода, се додава ловоровиот лист, сол и бибер и се варат 120-180 минути (во зависност од големината на парчето месо и видот на гравот). Коскената срцевина на месната коска мора да биде сварена а месото да биде меко. Подготвив и свински ребра за чорбата, но потоа сфатив дека чорбата е веќе доволно густа и решив да не ги користам. Ако сакате да го збогатите вашето јадење, додајте го свинското месо 60-100 минути по варењето на говедското месо и варете го најмалку еден час.
3. Додека се вари чорба, подгответе ги другите состојки. Исечкајте ги морковите, кромидот и црвената пиперка, посолете и пропржете ги во растително масло додека не омекнат. Пржената маса префрлете ја во друг сад а истата тава искористете ја за пржење на цвеклото.
4. Користев цвекло со бои на виножитото Rainbow од мојата градина. Ако не можете да најдете такво, можете да користите обично. Цвеклото излупете го, исечкајте го и пропржете го во масло.
Додајте ги ренданиот свеж домат, доматното пире и малку чорба (ако масата е премногу густа). По желба можете да додадете аџика (вид сос од зачински билки, јаткасти плодови и лута пиперка), паста од лути пиперчиња или ситно сечкано луто пиперче. Јас не додадов ништо од тоа бидејќи моето семејство сака благ вкус на чорбата. Кога цвеклото ќе омекне, исклучете ја ринглата.
5. Зелката исечете ја на ситни ленти. Додајте ја во чорбата кога е речиси сварена. По 10 минути додајте ги пржените моркови и цвеклото и варете уште пет минути.
6. Последниот чекор е да додадете сечкани суви сливи и изгмечен лук. Јас употребив малку мирудија и свеж ловоров лист. Крчкајте на тивок оган уште 7 минути, а потоа исклучете ја ринглата. Супата треба да отстои најмалку еден час пред сервирање.
7. Кубанскиот боршч послужете го со павлака и зачински билки, млад кромид и лути пиперчиња. Можете да го сервирате и со парче свеж бел леб и сланина.
Уживајте во овој раскошен кулинарски специјалитет од југот!