Десет ретки деликатеси кои ќе ги најдете само во Русија

Кујна
МАРИЈА АФОНИНА
Од лицето на Земјата не исчезнуваат само животните, ами и некои прехранбени производи, билки и стари рецепти. За вас ги избравме најинтересните уникатни руски производи кои се вброени во меѓународниот каталог „Арка на вкусот“.

76 руски деликатеси влегоа во специфичната книга на „загрозена“ храна. Станува збор за онлајн-каталогот „Арка на вкусот“ кој претставува околу пет илјади еколошки чисти прехранбени производи од целиот свет на кои им се заканува исчезнување. Russia Beyond-Македонија од нив ги избра најделикатесните, оние кои можат да се најдат само во Русија и кои сè уште можете да ги пробате. Иако дел од нив веќе се на работ на „изумирањето“. 

Црна сол од Косторма

Црната сол се подготвувала наспроти Велигден заедно со куличот (руски велигденски козинак) и јајцата на Чист четврток. Таа се прави од камена сол со додавање на талогот кој останал при правење квас или ржан лев, листови зелка и зачински билки. Оваа смеса се „калела“ на висока температура во печка, а потоа се оставала во неа уште неколку часа. Пред употребата во јадењата, добиениот кристал најпрво требало да се иситни. Црната сол е помалку солена од кујнската и во неа се чувствува фина арома на зачините.

Бајкалски омуљ

Бајкалскиот омуљ е ретка риба од семејството пастрмка која главно живее во Бајкалското езеро и во реките кои се влеваат во него. Рибата е во просек тешка околу еден и пол килограм, иако се среќаваат примероци тешки и по седум килограми.

Солениот и чаден омуљ е еден од најпопуларните сувенири за туристите покрај езерото. Филето од омуљ има мошне фин вкус, не е премногу масен и затоа на љубителите на сочно место им препорачуваме кратко засолен омуљ.

Ненецко јадење јуту

Јуту е традиционално јадење на Ненејците, малоброен народ кој живее во најсеверните делови на Русија. Јуту се прави од различни видови риба од родот Корегонус, како што се сардината, штуката и омуљот. 

Рибата се сече на листови и се суши на сонце, по што се чади на свеж воздух или во специјални чадилници. Јуту има благ солено-чаден вкус.

Сирење од млеко од јак

Во Република Тува околу 250 семејства се занимаваат со сточарство и со одгледување јакови. Нивното млеко е помасно од кравјото и има покремав вкус. Во Тува се користи за производство на различни млечни производи како што се: Биштак (сирење од полномасно млеко), ааржи (ситно сирење од кисело млеко) и курут (ситно сирење). 

Чадено месо од Алтај 

Чаденото месо од јаков и ирвас долго било основна технологија за конзервација на овие производи кај автохтониот народ од Алтај. По вкус тоа малку потсетува на немасно говедско, а се подготвува мошне едноставно. Месoто претходно се сече, се посолува, се додава шеќер, црн пипер и се трие со лук. Потоа се чади од 6 до 24 часа.

Денес овој специјалитет на Алтај се подготвува во мошне поскромни количества, помалку од еден тон годишно. Ова е поврзано со помалиот број животни и со промената на начинот на живеење на луѓето. 

Коломенска зелка 

Тоа е вид бела зелка која настанала во 18 век во селото Коломенское недалеку од Москва. Подоцна се одгледувала во цела средна зона на Русија. Огромните главици тешки до 16 килограми се мошне растресити и затоа не е добра за долго чување. Вкусот на листовите, особено во средината, е мошне благ. Идеална е за киселење.

Руски црн боб 

Сортата руски црн боб настанала во Ленинградската област врз база на боб кој во Русија се одгледува од памтивек. На светот не постои слична сорта. Поднесува силен мраз и отпорен е на болести, може да се одгледува сè до поларниот круг. 

Рускиот црн боб со сладникав, речиси шеќерен вкус, се користи за подготовка на чорби и на главни јадења – динстуван, варен, печен и конзервиран. 

Слатко желе „мос“

Мос е вид слатко желе со црвено-бела боја кое се прави од сушена риба, маст од фока, ‘ркулци од златна лилија и различни бобинки. Ова е традиционален десерт на малобројниот народ Нивхи кој живее на Сахалин. Јадењето се замрзнува и добро се чува, задржувајќи ги корисните својства.

Мосот можете да го пробате само на Сахалин на празникот на мечките, а рецептот се чува во тајност и се пренесува од колено на колено.

Суздаљски збитењ 

Пред појавувањето на чајот збитењот бил единствената топла напивка во Русија. За првпат се споменува во летописите од 1128 година. Се прави од вода, мед (задолжително локален) и различни зачини: цимет, кардамом, ѓумбир, дафинов лист, каранфилче и листови од црна рибизла.

Мантак од Чукотка 

Мантак е кожа и сало од кит. Ова традиционално чукотско јадење не може да се купи, може да се проба само кај локалните жители на полуостровот, зашто според меѓународната конвенција ловот на китови им е дозволен само на Чукчите и на Ескимите за лична употреба и во ограничени количества.

Ситно исечканиот мантак се јаде со кашкавал, варен, мариниран или чаден како мезе, но и со супа или како главно јадење. По вкус потсетува на сланина со печурки, а за жителите на Чукотка пред доаѓањето на цивилизацијата бил извор на белковини, масти и микроелементи.