Храната за војници за време на војната се подготвувале во таканаречени „полски кујни“, кои, како и полските пекарници, се појавиле кон крајот на 19 век. Полската кујна изгледала како приколка на подвижна шасија или на платформа од товарно возило. Била составена од неколку котли (еден до четири), оддел за чување производи и кујнски садови.
Полската кујна работела на дрва, а за непријателот да не го види чадот, храната обично се подготвувала рано наутро пред разденување и навечер, кога веќе ќе паднел мрак. Биле потребни 40 минути за војната во котлите да зоврие, ручекот од две јадења се подготвувал 3 часа, а вечерата час и половина. Навечер во кујната се одвивала напорна работа: се подготвувале состојките, на пример, се чистел компир и се миеле котлите. Притоа на почетокот од војната поголемиот дел готвачи биле жени.
Доставувањето на храната исто така бил вистински подвиг. Војниците ги влечеле тешките котли со храна од полските кујни до другите војници преку ровови, изложувајќи се на опасност.
Главно јадење во воените кујни бил кулеш, односно каша од просо, во која можеле да се додаваат други состојки, како што се сланина и зеленчук. Во полската кујна се подготвувале и други омилени руски супи: боршч и шчи, се динстувал компир, се подготвувала хељда со варено или со динстувано говедско или со конзерви.
Кога станува збор за дневното следување храна, кое е пропишано на 12 септември 1941 година, за црвеноармејците и за раководството на борбените единици на активната војска бил предвиден определен список производи. Меѓу нив биле леб (800-900 грама), пченично брашно 2 класа (20 грама), гриз (140 грама), макарони (30 грама), месо (150 грама), риба (100 грама), комбинирана маснотија и сланина (30 грама), билна маст, шеќер, чај, сол, зеленчук (компир, зелка, морков, цвекло, кромид, зелен листен зеленчук). Интересно е што постоело и дневно следување тутун (20 грама) и кибрит (3 кутии месечно). Жените што не пушеле добивале дополнително путер, бисквити и чоколада.
Пилотите добивале поразновидна и покалорична храна. Тие, меѓу другото, добивале и свежо и кондензирано млеко, урда, павлака, јајца, путер и кашкавал, овошен екстракт и сушено овошје.
Следувањето за подморничарите исто така имало свои специфики. Тие добивале црвено вино и кисел зелка, кисели краставички и свеж кромид. Овие производи требале да го спречат скорбутот и да го надополнат недостигот од кислород. Морнарите добивале двопек. Малите бродови можеле да печат леб на копно, додека на големите бродови имало специјални печки.
Кон крајот на војната состојбата со храната се влошила и следувањето било намалено.
Готвачите на различни начини се досетувале исхраната на војниците, која кон крајот на војната станала пооскудна, да ја направат разновидна. На пример, правеле чај од морков. За него било потребно да се изренда исчистен морков, да се пропржи на оган со печурка чага, а потоа да се прелие со зовриена вода. Чајот од морков бил сладок, додека чагата му давала пријатна темна боја.
Зачуван е и рецептот за лебот „'Ржевски“. За него се варел компир, се чистел и се мелел во машина за месо. Добиената маса се ставала на штица со трици и се ладела. Со додавањето трици и сол брзо се мешало тесто. Потоа масата се ставала во тепсии премачкани со маст и се печела во печка.
Пред крајот на пролетта 1944 година советската армија од сојузниците добила пченкарно брашно. Некои готвачи не знаеле што да прават со него, го додавале во лебот, но тој многу се кршел и брзо се сушел, војниците се лутеле и ги карале готвачите. Но имало и такви кои смислиле како да направат вистински питулици. Еден од ветераните на војната се сеќава дека готвачот ги испратил да соберат зеленило во степата (лобода, штавел, луцерка, див лук итн.), а потоа од нив и од пченкарно брашно правел пирошки. Подоцна правел и мамалига (молдавско национално јадење слично на бакардан).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче