Како СССР сакаше да создаде „натчовек“

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Некои научници апелираа до државата да го поттикне наталитетот само кај најинтелигентните претставници на советското општество. Со текот на времето, нивното исклучително потомство требаше да ги потисне сограѓаните кои „се неспособни за усвојување на современите знаења“.

Болшевиците, по доаѓањето на власт во 1917 година, започнаа радикална реорганизација на руското општество: „Ќе изградиме наш, нов свет; Кој бил ништо, ќе стане сè!“

Во „новиот свет“ требаше да живее „новиот човек“, т.е. сестрана личност, интелектуалец и творец кој е длабоко посветен на комунистичките идеи и свесен дека е мал, но многу важен „шраф“ во џиновската државна машина.

Идеалниот советски човек беше создаван преку образование, воспитување и пропаганда. А постоеше и крајно необичен метод за „добивање нов вид на луѓе“, небаре се работеше за добивање нова раса при одгледување коњи или кучиња.

Во првите децении на советската власт до тие идеи се придржуваа поддржувачите на евгениката -учењето за подобрување на човечките наследни особини со помош на селекција.

Најдобри меѓу најдобрите

„Расата на кој било вид животно и растение, вклучувајќи го и човекот, може свесно да се смени со избирање на такви поединци кои ќе ја дадат најпосакуваната комбинација на особини кај потомството“, пишуваше советскиот биолог и генетичар Николај Кољцов.

Евгеничарите ги повикуваа талентираните луѓе кои се истакнале во која било област да бараат сопружници меѓу сличните на себе, бидејќи само таквите родители имаат одлични шанси да добијат исклучително талентирани деца и со самото тоа да придонесат за „еволуцијата на мозокот“ и „збогатувањето на нацијата со благородни гени“.

Таквото организирано наследување на „скапоцените гени“ би можело да му даде на општеството голем број научници, уметници и експерти во различни области, а тие истовремено би поседувале и добро физичко здравје, силна волја и љубов кон животот и работата.

„Многу мајки на утрешнината, ослободени од оковите на религиозните предрасуди, ќе бидат горди што ќе го здружат својот генетски материјал со оној на Ленин или Дарвин и на тој начин на општеството ќе му дадат дете кое ќе ги наследи нивните биолошки квалитети“, пишуваше до Сталин во 1936 година Херман Милер, американски генетичар и дописен член на Академијата на науките на СССР.

Така ќе настане „натчовек“, „Homo creator“, т.е. „човек-творец“ кој, според Кољцов, „ќе стане цар на природата и ќе ја потчини со силата на својот ум и својата волја“.

Како да се создаде „натчовек“?

Од друга страна, Кољцов се противеше на принудната селекција и истакнуваше дека „современиот човек нема да се согласи да се откаже од својата најскапоцена слобода - правото да си избере сопружник по сопствен избор“.

Научникот сметаше дека „задачата на евгениката“ треба да ја преземе државата. Таа е должна да создаде поудобни и подобри услови за живот на „производителите кои според нејзина процена се најскапоцени“. Со самото тоа и наталитетот во таква средина ќе биде поголем отколку кај другите, „кои не се во состојба да ги усвојат современите знаења и современата култура“.

Сергеј Давиденков, медицински научник, предложи да се организираат задолжителни психо-евгенички прегледи на населението со цел утврдување на вродените таленти. Нивото на образование, социјалниот статус и националноста не беа пресудни за крајниот резултат на тестирањето.

Според резултатите од истражувањето, луѓето се поделени на повисока или пониска геногрупа. Избраните добиваа максимална поддршка од државата во однос на раѓањето: зголемување на заработката за 50 отсто со раѓањето на секое дете, исплата на еднократна помош за трето и четврто дете и слично.

Генетичарот Александар Серебровски се залагаше за вештачко оплодување на жени со „препорачана сперма“, која не мораше задолжително да биде од сакан маж.

„Раѓањето на децата може и треба да биде одвоено од љубовта токму затоа што љубовта е целосно приватна работа на оние кои се сакаат, а раѓањето на децата, особено во социјализмот, треба да биде јавна работа“, тврдеше научникот.

„Социјализмот ги руши приватните капиталистички односи во економијата, а со тоа го уништува и модерното семејство“, пишуваше Серебровски. „А особено ќе ја уништи кај мажите разликата во односот кон децата добиени од нивните или од туѓи сперматозоиди“.

Фијаско на евгениката

Амбициозните проекти на евгеничарите во Советскиот Сојуз никогаш не беа реализирани. Учењето беше критикувано поради занемарување на генетската разновидност, која е темелот на хармоничниот развој на општеството, како и за неможноста научно да се поткрепат критериумите според кои би можеле да се идентификуваат „скапоцените производители“.

Советското раководство стравуваше дека селективниот пристап ќе предизвика голема штета на неговата главна потпора, т.е. работниците и селаните. И, се разбира, многумина директно ги асоцираа евгенистичките ставови со фашизмот и националсоцијализмот.

Евгениката како филозофско-идеолошки концепт во Советскиот Сојуз беше забранета кон крајот на 1930-тите, но некои од нејзините достигнувања (особено оние поврзани со лекувањето наследни болести) најдоа примена во различни научни дисциплини.