- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Ѓонот да не се потковува со клинци
Како што е познато, Петар I бил многу економичен и се грижел дури и за обичните работи како што се дрвените плочници на Петербург. За да го спречи нивното брзо абење, тој во 1715 година издал указ според кој било забрането да се шета по улица во чевли со метални крампони или клинци во ѓонот. Прекршителите на оваа наредба ги чекала строга казна. На непослушните гиздавци им се заканувале високи парични казни, а на продавачите на такви чевли затвор и конфискација на имотот. Реакцијата на забраната била молскавична - улиците веднаш опустеле.
Една година подоцна следел нов указ според кој сите сопственици во Санкт Петербург морале да ја поплочат камената улица пред своите куќи во ширина на еден „сажен“ (сажан е мерка за должина и претставува растојание од прстот на едната рака до прстот на другата рака кога се испружени хоризонтално на страна, и изнесува околу 216 см).
2. Да се зашиваат копчиња на манжетните
Петар исто така наредил да се шијат копчиња на манжетните на мундирот. Причината била едноставна - сакал да ги научи војниците на добри манири и да ги одвикне од старата навика да си ја бришат устата со ракавот после јадење, а притоа и да заштеди на честото шиење нови униформи.
3. Да не се пие повеќе од една чашка
Царот Алексеј Михајлович во 1647 година му објавил војна на алкохолизмот. Прво, тој го забранил поседувањето алкохол во Соловецкиот манастир, а две години подоцна и во сите други манастири. По четири години спровел крчмарска реформа - го намалил бројот на објекти каде што можело да се пие алкохол. Цените на алкохолот биле тројно зголемени, пиењето на вересија забрането, а едно лице можело да добие само една чаша алкохолен пијалок (околу 150 милилитри). Покрај тоа, продажбата на алкохол била забранета за време на пости и во недела. Кога сé ќе се пресмета, во календарот имало околу 180 вакви „трезни“ денови! Патем, на нелегалните производители на вотка им се заканувала сериозна казна. За првиот прекршок се плаќала само парична казна, додека упорните илегални производители по камшикувањето завршувале зад решетки.
4. Да не се носат тркалезни шешири и да не се игра валцер
Павле I бил особено познат по неговите необични закони. Тој решил да се бори против сето она што на кој било начин можело да се асоцира со Француската револуција и што можело да ги поттикне луѓето на слободоумие. Така, настанал прилично долг список на забрани: на жените не им било дозволено да ги украсуваат своите фустани со ленти во боја кои се носеле преку рамо, а на мажите им било дозволено да носат само шапка со три рога и тркалезни капи, додека француските капи со широк обод биле забранети. Забранети биле и чевлите со ленти наместо токи, како и зулуфите, па дури и валцерот. Злите јазици зборувале дека таквите закони се одраз на комплексите на царот. На пример, неговата брада била ретка и не растела многу брзо, а ни танцувањето не му било посилна страна.
5. Да не се извезува рабарбара
Во XVII век растението рабарбара се носело во Москва од Кина. Се користела како лек за стомачни тегоби и како боја за бојадисување бидејќи давала златна нијанса. Патем, била многу скапа: една пуд (стара мерка за тежина, околу 16 кг) чинел 40 рубли! Толку чинел, на пример, еден пуд добра свила. Трговијата со рабарба била забранета. Главниот и единствен купувач и продавач била царската благајна. На крајот на XVII век рабарбарата не можела да се извезува од Сибир. За време на владеењето на Ана Јовановна и Елисавета Петровна, рабарбарата станала „стока што ѝ носи профит на државата“. Приватните лица не можеле да го купат ова „сибирско злато“, бидејќи царската благајна ги покачила цените. На прекршителите им се заканувале многу сериозни казни, вклучително и „најсурово мачење“.
6. Задолжително носење перика
Одредени уредби не настанале од економски или политички причини, туку исклучиво од естетски причини. На пример, царицата Елисавета Петровна еднаш употребила неквалитетна пудра која цврсто се залепила за нејзината коса. Трагите од неуспешниот експеримент се обидела да ги сокрие со бојадисување на косата во црно, но ниту тоа не помогнало. Морала да ја скрати косата речиси до нула и да носи перика. Покрај тоа, наредила сите дворски дами да го сторат истото. За љубов на царицата сите дами морале да ја потстрижат својата бујна коса и да носат перики.
7. Да се испратат мачори на царскиот двор
Во октомври 1745 година царицата Елисавета Петровна го издала указот „За праќањето мачори“. Во него пишувало: „Да се пронајдат во Казањ од локалната раса најдобрите и најголемите кастрирани мачори кои се најпогодни за лов на глувци и да се пратат во Санкт Петербург на дворот на Нејзиното Императорско величество“. Оттогаш, мачорите-глувчари се населиле во Зимскиот дворец.
8. Да не се води мечка
Во царска Русија била популарна дресурата на мечки, како и претставите со нив. Мечките биле обучувани за различни вештини, а потоа на панаѓурите нивните вештини му биле покажувани на воодушевениот народ. Мечките знаеле неколку десетици различни команди, изведувале цели претстави, имитирале девојка пред огледало, војник со пушка, пијан селанец и многу други. Друштвото за заштита на животните се појавило во Русија во 1865 година и се зазело за „кутрите животни“. Две години подоцна, царот Александар II го потпишал указот со кој се забранува таквиот вид забава со мечки.