Какви казни можеле да ве снајдат доколку сте живееле во Русија пред Петар Велики?

Kira Lisitskaya (Photo: Legion Media; Public domain)
Во тоа време, мажот кој би ја претепал сопругата не бил доживуван како криминалец во општеството. А за богохулење или непочитување на родителите следувало казнување со камшикување што многу често доведувало до траен инвалидитет или смрт.

„Со свирепа смрт“ во Стара Русија казнувале за предавство на царот, негрижа за родителите и децата, убиство, богохулие и некои видови блуд.

Обид за убиство на царот

Шарлемањ А.И. „Петар I ги затекнува заговорниците против власта во домот на Циклер“

За да во XVII век се пријави обид за убиство на царот требало да се изговорат „заветните“ зборови „Царски збор и дело!“, што значело дека оној што ги изговорил знаел за зборовите (заговорот) или делото. (напад) врз царот. Таквите луѓе веднаш биле праќани во Москва, во органите на државната безбедност.

Според еден од клучните зборници на црковни и државни правила (Кормчаја книга), лошата намера кон царот била причина за моментален развод од сопружникот, што важело како за мажите, така и за жените. Се разбира, од човек кој ковал нешто против царот и им кажувал на другите за тоа, бегале како од чума, и го пријавувале во девет од десет случаи.

Занемарување на семејството, родителите и децата 

Иван Творожников „Несреќа“

Дидактичките црковни збирки како „Измарагд“ или далеку попознатиот „Домострој“ предвидувале пред сé грижа за семејството и слугите кои живееле во куќата. Во „Измарагд“ се карактеризирало како „лицемерие“ кога „на туѓа сиромаштија се делел имотот, а родот и слугинчињата беа боси и гладни“.

Почитувањето на родителите и децата било приоритетна обврска на секој христијанин. Родителите се почитувале и слушале. И иако за глава на семејството официјално се сметал најстариот маж, во случај тој да имал стара мајка, нејзиното мислење било последниот збор. Непочитувањето на старите татко и мајка, како и оставањето на децата без храна, синовите без наследство, ќерките без мираз, предизвикувало сеопшта осуда.

Таквиот човек, врз основа на најважниот законодавен споменик од XVII век, Законикот донесен во 1649 година, го чекала казна со камшикување, што можело да доведе до инвалидитет и смрт.

Убиство на членови на семејството

За најстрашно злосторство во Стара Русија се сметало убиство на членови на семејството, особено таткоубиството и убиството на мажот од страна на жената. И додека за таткоубиство сè уште можело некако да се плати казна, иако огромна, од средината на XVII век, за убијците на членови на семејството била пропишана смртна казна.

Жените кои ги убивале своите мажи биле казнувани особено брутално и биле живи закопувани. Ги ставале во јама секогаш на прометни места и ги закопувале до грлото или до градите. Била поставувана и стража, за роднините и пријателите да не можат да ѝ носат храна и вода. Пристапот бил можен само за свештениците кои читале молитви. А на сите минувачи им било дозволено да фрлаат пари за погребот на несреќната жена.

Кога се сакало да се забрза смртта, земјата околу закопаните жени била набивана, така што тие се гушеле и умирале во паника. Закопаните жени најчесто умирале бавно. Тоа можело да трае со денови, но се случувало и да се спасат. Во 1677 година Фетјушка Жукова од Владимир, која повеќе не можела да го поднесе злоставувањето од мажот, му ја отсекла главата со коса. Поминала 24 часа жива закопана во јама, а на молба на болешлива калуѓерка била испратена во манастир. Во овој случај улога одиграло искреното признание на Фетјушка, како и уверувањето на луѓето од нејзиното опкружување дека нејзиниот сопруг го добил заслуженото.

Убиството на деца од страна на родителите било третирано како тешко злосторство, но имало многу случаи на неискусни млади мајки кои ги смачкале и задушиле своите деца. Во такви случаи убиството не било квалификувано како злосторство со умисла и било казнувано со повеќегодишен пост, како и исфрлање на плодот на билкарките за кое можело да се биде доживотно изопштен од црквата. Казната за убиство на деца родени вонбрачно била построга, бидејќи во 1649 година за тоа злосторство се изрекувала смртна казна.

Со насилството над жените во семејството во Русија пред Петар Велики се занимававме во посебен текст.

Богохулие

Во претхристијанскиот период од историјата на Стара Русија, сквернавењето на политеистичките светињи се сметало за богохулие. Сергеј Лукјанов во написот „Богохулништвото како вид религиозно злосторство“ пишува дека во староруското право постоел термин за верски престап како кршење на многубожните обреди и ритуали, како и навреда на паганските богови. Според „Повеста за минатите години“ во 983 година во Киев, пет години пред Покрстувањето на Русија, Владимир I планирал по една победа да го принесе како жртва Јован, синот на Варјагот Фјодор. Тие биле христијани, а таткото одбил да го даде синот, јавно негирајќи го многубоштвото. Според Карамзин, „Киевјаните го толерираа христијанството, но триумфалното богохулење на нивната вера доведе до нереди во градот“. Фјодор и Јован биле убиени.

Раните руски закони немаат казни за богохулење. Во Никоновиот летопис се наведува дека во 1004 година монахот Андријан, скопеник, кој „ги кореше црковните закони и епископи“ со одлука на митрополитот Леонт  завршил во темница каде што „малку се поправи и покаја“.

А во 1371 година, во Новгород, на паганте им пресудил народот. Тројца еретици „стриголници“ кои плукале по крстовите, фрлаа икони на ѓубриште и ги учеле „колебливите“ да го прават истото, Новгородци ги удавиле во Волхова. Веќе во 1505 година, за „дрските еретици“ била предвидена смртна казна или доживотен затвор. Во подоцнежните закони и понатаму постоеле казни за богохулење и бидувале засилувани. Во првиот член Законикот предвидува „раскринканите“ богохулници „да се изгорат“. Притоа за тоа не бил надлежен црковниот, туку световниот суд. Покрај тоа, погубувањето на расколниците било извршена со палење, што во Стара Русија предизвикало лавина од самозапалување на староверци.

Блуд и „содомски грев“

Владимир Маковски „Свекор“

Руската похота била доживувана од странските патници како нешто апсолутно страшно. Данскиот благородник Јакоб Улфелд, кој ја посетил Москва во времето на Иван Грозни, останал запрепастен кога на прозорецот од соседната куќа се појавила жена која му покажувала „непристојни места“ на нејзиното тело. Најмногу од сè странците биле шокирани од обичајот на Русите да излегуваат голи од парните бањи. Адам Олариус, германски патник од XVII век, напишал дека видел проститутки на Црвениот плоштад. „Стојат, држејќи во устата прстени (обично со тиркизна боја) и ги нудат на продажба. Како што слушнав, истовремено со таа трговија нудат уште нешто друго“.

Меѓутоа, руската црква жестоко се борела против сите манифестации на телесна страст. Во XVI и XVII век „Содомски грев“ значел сé што црквата забранувала, истополови врски, зоофилија, инцест. Меѓутоа, забранети биле и се сметале за „голем грев“ сите видови на хетеросексуален сексуален контакт освен „мисионерската поза“. Позата во која „жената е горе“ се казнувала со пост во траење од пет години.

Покајничките книги со прашања поставувани на мажите и жените за време на исповедта денес се читаат како порнографска литература. „Дали си ѝ се качувала на другарката или таа на тебе, правејќи како со маж грев? Или кому си му го пикала во уста јазикот? Или дали си му намигнувала на туѓ маж зарада блуд? Или дали си ја кажала некому својата брука?“

Зошченко Михаил „Суд“

Казната за блуд и содомија се разликувала во зависност од тежината на прекршокот и полот на осудениот. За женски истополови врски, откриени и докажани, било предвидено палење, но најчесто се прибегнувало кон тешки епитимии. Зачестеноста на прашањата во покајничките книги од типот на „да не си се играла со пријателките како маж“ укажува дека смртната казна била престрога мерка. За истополови врски меѓу мажите недвосмислено следело палење, за што писмени сведоштва независно еден од друг оставиле чиновникот Григориј Котошихин и архиѓаконот Павел Алепски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња