Што се случило со студентите кои Петар I ги испратил на школување во странство?

Историја
АНА ПОПОВА
Царот и самиот патувал во странство во потрага по нови знаења, а исто така испраќал свои поданици на школување во странски земји. Во Европа требало да ги совладаат морепловството, астрономијата, сликарството и други вештини. Вкупно во тоа време со образование во странство се стекнале околу илјада луѓе.

Од слуга до контраадмирал

Благородничките семејства не можеле да ја избегнат реализацијата на замислите на Петар. Неговите идеи биле нивна обврска. Најпрвин царот ги смислил таканаречените „цифрени“ училишта, каде учениците учеле геометрија, аритметика и писменост. Без ова училиште, младите благородници не можеле да се оженат. А во 1696 година царот издал указ за школување во странство. За да стекнат нови знаења, младите биле праќани во Англија, Италија и Холандија. Меѓу студентите имало претставници на угледните семејства Голицин, Куракин, Долгоруки, Шаховски, Волконски, Трубецкој.

Меѓу нив имало и луѓе од најблиското опкружување на Петар. На пример, неговиот собар Александар Меншиков заедно со царот се обучувал на бродоградилиштето во Амстердам, а грофот Петар Толстој, и покрај тоа што имал 52 години, самиот се пријавил за школување. Неколку години учел навигација во Венеција и се вратил дома како мајстор за едрење. А во 1721 година бил испратен во Константинопол како прв руски амбасадор со престој во странска земја.

Меѓу студентите на Петар, не сите гореле од желба за знаење, што понекогаш имало необични последици. На пример, Максим Спафариев на секој начин избегнувал да учи и на часовите како замена го праќал својот слуга, припадник на калмичкиот народ. Тој учел напорно и наместо него одел на бродовите. Сè одело без проблеми додека не дошло време да си вратат дома. Петар лично го испрашал младичот и многу брзо ја разоткрил измамата. На крај го испратил мрзливецот да служи како морнар на брод, додека слугата повторно добил можност да се школува, овој пат во Англија.

Денис Калмиков (царот му го дал ова презиме) го превел англискиот поморски правилник и кодекс на руски јазик, обучувал гардемарини (подофицери во морнарицата), за руските бродови смислил систем на сигнали за размена на информации со помош на знаменца, бил командант на Кронштатското пристаниште и се стекнал со чин контраадмирал.

Гардемарини, напред!

Петар посветувал многу внимание на поморството и строго ги казнувал оние што се обидувале да избегнат да одат на море. Ништо подобро не поминале ниту критичарите кои верувале дека царот не треба да се занимава со столарскиот занает. Петар сакал да ги погуби и само интервенцијата на холандските власти им го спасила животот. Затоа вредните студенти добиле можност да изградат успешна кариера. На пример, Иван Непљуев бил испратен од Петербуршката поморска академија во Ревел (Талин), а потоа во Венеција и Кадиз, учествувал во Турско-венецијанската војна и бил капетан на бродови изградени во Санкт Петербург. Подоцна, Непљуев ги изградил утврдувањата од кои настанале Оренбург и Магнитогорск.

Први меѓу сликарите

Студентите заминувале во Европа не само заради егзактните науки, туку и во потрага по нов уметнички израз. Еден од најпознатите сликари од таа ера бил Андреј Матвеев. Се школувал во Холандија кај Арнолд Бонен, потоа на Антверпенската академија за уметности. Кога во 1727 година се вратил во Русија, работел во групата сликари на петербуршката Канцеларија за изградба. Прв меѓу руските сликари почнал да слика световни портрети и автопортрети.

Бил првиот што решил да украси храм со слики наместо со фрески. За Петропавловската црква ги насликал „Убедувањето на Тома“, „Молитвата за чашата“ (Молитва во Гетсиманската градина), „Тајната вечера“ и „Вознесение Господово“.

Лекар со диплома

Петровите студенти, покрај морепловство, студирале и економија, медицина и други науки. На пример, Петар Постников, кој претходно во Русија завршил на Словенско-грчко-латинската академија, студирал медицина во Падова и бил првиот руски дипломиран лекар. Служел во Аптекарскиот Приказ (државен орган на ниво на министерство) и бил првиот преведувач на Куранот на руски јазик.

Јаков Евреинов бил испратен од Петар во Холандија да учи трговија. Служел како конзул и дипломат, а кога се вратил во Русија, прво бил советник на Колегиумот за мануфактура (државен орган задолжен за развојот на индустријата), а потоа и раководител на Колегиумот за трговија.