Како и кога во Русија стасале црнците?

Ермитаж, Legion Media, Victoria and Albert Museum
Познатиот Ханибал, Маварот на Петар Велики не бил првиот црнец во Русија. Инаку, луѓето со црна боја на кожата во оваа земја никогаш не биле робови. Маврите на рускиот царски двор, освен тоа, биле познати по најраскошната униформа меѓу целокупниот персонал.

Во Русија немало робови црнци, ниту имало некакви други робови. Системот познат како кметство служел за високата класа да ги задоволи потребите за работа, селаните за разлика од робовите имале имоти и биле поданици на законот. Првите луѓе со црна боја на кожата во Русија биле третирани поинаку, на нив се гледало како на куриозитет, непознаница и егзотика од далечни земји.

На сликата на Василиј Суриков „Утрото на погубувањето на стрелците“ зад младиот цар Петар се наоѓа кочија со црвен сомотски тапацир, во која се гледа женско лице, очигледно некоја од дамите од дворот која дошла заедно со Петар да присуствува на погубувањето. На кочијата, на местото предвидено за лакеи, се гледаат двајца темнокожи слуги со сино перје на турбаните.

Василиј Суриков „Утрото на погубувањето на стрелците“

Дали еден од нив би можел да е Аврам Ханибал, познат како прадедо на големиот руски поет Пушкин? Тешко. Сеедно дали Петар го довел Ханибал од Европа во 1698 година или го добил како подарок во 1705 година, тој никогаш не бил во свита со принцезите. Значи ли тоа дека црнците како слуги во Русија кон крајот на седумнаесеттиот век станале вообичаена појава. Да, токму така, имињата на првите црнокожи слуги на царот Петар од раната младост, додека уште живеел во Москва, ги споменува историчарот Иван Забелин. Се викале Томос, Сек и Аврам. За жал, за нив ништо повеќе не знаеме.

Петар Велики и Ханибал

Бил црн како ноќ

Во придружба на европските кралеви црнците се појавиле за време на Крстоносните војни. Во тоа својство биле присутни и во Русија. Постојат сведоштва дека Маврите живееле во конаците на монахињата Марта, мајката на првиот Романов, Михаил Фјодорович. Во женскиот дел на дворецот црнците ја делеле истата судбина со џуџињата, јуродивите, талкачките испосници, забавувајќи ги жените кои го минувале животот, додевајќи се затворени во големите куќи и им се восхитувале.

За разонода Маврите ги користеле и самите цареви. Историчарот Иван Забелин сведочи дека на дворот на Михаил Фјодорович живееле Маврите Мурат и Давид Салтанов кои царот великодушно раскошно ги облекувал. Меѓу слугите на царот Михаил имало Маври кои во Русија дошле како јавачи на слонови (ориенталните владетели на Русите сакале да им испраќаат слонови како подарок). Останало забележано дека во 1625 и 1626 година Маварот Тчан Иваимов го „забавувал“ царот, покажувајќи му што сè знае да прави неговиот слон.

Една црнкиња живеела кај сопругата на Михаил, царицата Евдокија, а Алексеј Михаилович имал Мавар по име Савељ кого го пуштил да се описмени и да се образува, а тој научил да чита, да пишува и да пее свети текстови на руски јазик за само една година. Треба да се каже дека тогашниот руски јазик бил значително потежок од современиот. Меѓутоа, школувањето на Маврите на дворот во 17 век било повеќе од забава. Затоа синот на Алексеј Михаилович, Петар Велики, им дал на Арапите, како и на луѓе од други националности можност да прават кариера и да напредуваат во Русија.

Иван Ханибал, син на Аврам Ханибал

Доколку Аврам Ханибал во нешто како лице со црна боја на кожата бил прв во Русија, тогаш тоа е неговата професионална кариера. На почетокот, до 1714 година, тој се споменува заедно со дворските шутови, за царот Петар набргу да ги увиди способностите на ова момче и да почне да му доверува различни задачи, а потоа го испратил во Франција на школување во областа на инженерството, па тој потоа на Русите им предавал математика, а во времето на Елисавета Прва бил прв инженер во Русија.

Ханибал, без сомнение, бил исклучителна личност, која при крајот на животот станал генерал и татко на големата војска, а запаметен е и како првиот човек кој на својот имот во Русија одгледувал компири.

Маврите во Царскиот двор

Кон средината на осумнаесеттиот век послугата со црна боја на кожата на рускиот двор била бројна. За време на Екатерина Прва шестмина Маври ја следеле до и од кочијата, а за време на Ана Ивановна биле четворица, додека за време на владеењето на Елисавета Петровна се појавиле црни курири, ложачи, музичари.

Ана Ивановна со Мавар

Заедно со Елисавета Маврите оделе на лов кој бил дел од омилената забава. За време на владеењето на Екатерина Втора, кога бројот на Маврите на дворот достигнал дваесет, била воведена дворската титула Мавар на Царскиот двор. На почетокот ги нарекувале Арапи, иако меѓу нив немало етнички Арапи, а биле избирани луѓе со повисок раст и со што потемна боја на кожата. Стапувајќи на должност, морале да го прифатат христијанството, а дозволени им било да бидат православни или католици.

Георг Кристоф Грот. Елисавета со Мавар.

Маврите патувале со владетелот, а нивна задача била на имотите да ги отвораат портите на монархот за време на церемониите. Нивната униформа била најраскошна на царскиот двор. Според пишувањата на професорот Игор Зимин кон крајот на деветнаесеттиот век, за време на владеењето на Александар Трети, свечената униформа на Маврите била најскапа на дворот, што ја чинело државната каса 543 рубли.

Приближно толку чинела само униформата на лицето кое било задолжено за сите слуги (408 рубли), како и на козакот телохранител на неговото височество (418 рубли). Цената на обична машка униформа во тоа време била помеѓу десет и петнаесет рубли. А, платата на Мавар на Царскиот двор изнесувала помеѓу 600 (за помладите) и 800 (за постарите) рубли годишно.

Постар и помлад ја означувало само позицијата што некој ја имал. Црнечките деца, малите Арапи, во деветнаесеттиот век повеќе не биле задржувани на дворот, и наместо нив на служба се земале само возрасни луѓе. По доаѓањето на американскиот амбасадор Џон Квинси Адамс во Санкт Петербург во октомври 1809 година на царскиот двор почнале да се појавуваат првите американски црнци. Меѓу нив бил и Нерон Принс, еден од основачите на Африканската масонска ложа во Америка. Со него од Соединетите Американски Држави дошла и неговата жена Ненси Принс. Семејството црнци кои работеле како Маври на Царскиот двор живееле добро, имале и слуги.

Г.Н. Марија со сопругата и децата. 1890 година.

Ненси има оставено кусо сведоштво за својот престој во Русија. Има раскажано за многуте празници и дворските свечености, ја доживеала поплавата во Санкт Петербург во 1824 година и со свои очи го видела Декабристичкото востание. Русите ги вџашила со тоа што одбила да танцува, сметајќи го тоа за грев за една христијанка, останувајќи притоа глува на наговарањата и не потклекнувала на своите уверувања. Во Америка се вратила во 1833 година, повеќе не можела да ја поднесе студената клима во северната руска престолнина. Нејзиниот сопруг, кој на дворот на руските императори служел речиси 20 години, се вратил три години подоцна.

Константин Ухтомски. Зимски дворец.

Наргилето на неговото височество

Маврите на дворската служба во Зимскиот дворец обично биле на должност во Арапската сала. Тие немале многу обврски, со оглед на тоа што на церемониите на кои требало да ги отвораат портите биле ретки. Понекогаш имале задолжение дворските гости да ги придружуваат до императорските одаи.

За време на Александар Втори на списокот на постојани задолженија на Маврите било додадено уште едно, подготвување наргиле за царот. Александар имал проблем со варењето, а во тоа му помагало пушењето. Освен тоа, императорот едноставно уживал во пушењето, а Маврите исклучително ги ценел поради големата умешност за подготовка на тутунот.

М. Зичи. Хол во императорската палата во Царское село, 1865.

Тие имале уште едно задолжение, да ги поставуваат подароците под божиќната елка во Зимскиот дворец. Тогаш биле во улога на библиски кралеви, мудреци кои носат подароци.

На почетокот на дваесеттиот век скратени се средствата за Маврите, па во службата останале само четворица. Потомците на Маврите од Царскиот двор кои често се женеле со Русинки и денес живеат во Санкт Петербург.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња