Кој бил првиот Русин што завршил на Кембриџ и што се случило со него?

Russia Beyond (Photo: Public domain)
Борис Годунов бил првиот руски владетел кој решил да испрати деца на благородници да се школуваат во странство. Еден од 18 руски студенти бил и Никифор Олферјев. Во 1602 година со брод од Архангелск бил испратен да учи латински и англиски јазик во Велика Британија.

„Јазичната разновидност може да доведе и до разновидност на мислата, што е опасно за црквата“, напишал Николај Карамзин во „Историјата на руската држава“, опишувајќи ги ставовите на свештенството за време на владеењето на Борис Годунов. Тоа бил одговорот на црквата на иницијативата на царот да се отвори во Москва прв универзитет според западен модел и да се ангажираат предавачи од странство. Имено, цел век пред Петар I, Годунов решил да се сврти кон традицијата на европското образование, но морал да избере поинаков пат до својата цел.

Борис Годунов

Изгубени студенти

Царот нашол начин да ја реализира својата идеја. Во 1602 година, тој испратил 18 младичи да учат латински и странски јазици во европските земји. Четворица заминале во Англија. Елизабета I се согласила да ги прими и го прифатила условот на Борис Годунов руските студенти да не бидат принудени да ја променат својата вера за време на нивното школување. По враќањето во татковината тие требало да стапат на служба во тогашното одделение за надворешни работи (Посољски приказ).

Четворицата Руси биле распоредени на различни универзитети. Никифор, синот на високиот државен службеник во Русија (во ранг на денешен министер) Григориј Олферјев, бил испратен во Кембриџ.

Кралскиот колеџ (King's College), Кембриџ

Таму прво студирал на колеџот Сент Џонс (St John's College), а потоа на колеџот Клер (Clare College). Но, во 1605 година, Борис Годунов ненадејно умрел, Лажниот Димитриј влегол во Москва, а во Русија настапило Сматното време. И дури во 1613 година, кога на тронот дошол царот Михаил Фјодорович Романов, Русија се сетила на своите студенти. Рускиот емисар Алексеј Зјузин решил да се распраша за нив и бил непријатно изненаден. Тројца руски студенти веќе си го средиле својот живот во странство: Софон Кожухов и Казарин Давидов работеле за Источноиндиската компанија на Борнео и Јава, Фјодор Костомаров како кралски секретар се нашол во Ирска. Во близина останал само Никифор Олферјев. Само што сега се викал поинаку – Никифор Алфери.

Вратете го Олферјев

Излегло дека тој успеал да го заврши Кембриџ благодарение на помошта на семејството на Џон Бидел, со кого се запознал за време на студиите. Таткото на Бидел тргувал со Русија и решил финансиски да го поддржи младиот човек кој се нашол далеку од својот дом. Покрај тоа, Никифор ја примил англиканската вера. Само поради таа причина патот до татковината бил затворен за него.

Се претпоставува дека ова е портретот на Никофор Олферјев

Оние кои би подлегнале на гревот на ереста биле строго казнувани: во летописите се среќаваат упатства за тоа отпадниците од верата да се палат или живи да се закопуваат во земја. А во Русија забраната за напуштање на православието беше во сила сé до 1905 година.

Но, емисарите не се откажале така лесно. „Нека биде и отпадник од верата, но Алфери мора да се врати дома“. До Парламентот и кралот Џејмс I пратиле куп молби. Се заканувале со нарушување на односите меѓу земјите и тешкотии за англиските трговци во Русија. Тврделе дека Никифор просто поради својата младост направил грешка. Се обиделе дури и да го киднапираат.

Алфери во 1618 година добил парохија во Хантингдоншир, се оженил со ќерката на пасторот Џоан Бет и живеел во Вули со своето семејство сé до својата смрт во 1666 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња