На 30 декември 1916 година под Петровиот мост на реката Мала Невка пронајдено е телото на Григориј Распутин. Царското семејство во него имало безгранична доверба: селанец од Тобољската губернија кого многумина го сметале за свет, умеел да ги олесни симптомите од болеста на престолонаследникот принцот Алексеј којшто страдал од хемофилија. Со текот на времето имал сѐ поголемо влијание врз семејството на Николај Втори.

Fine Art Images/Heritage Images/Getty Images
За него се ширеле разни гласини: едни велеле дека Распутин е германски шпион, други го нарекувале мистик и хипнотизер. Сите се сложувале во едно: царот и царицата биле целосно под негова власт. А, сите критичари веднаш би биле исклучени од кругот на лица од доверба.
Првиот обид за убиство на Распутин се случил во 1914 година. Вториот, којшто бил успешен, следувал две години подоцна. Сторителите не го одрекувале злосторството, но сериозна казна не дочекале. Откако царот се одрекол од престолот случајот бил затворен. Кои биле убијците?
Феликс Јусупов

Fine Art Images/Heritage Images / Getty Images
Последниот од кнезовите Јусупови, наследник на една од најугледните и најбогати семејства во Руската Империја, Феликс целосно го оправдал своето име кое во превод од латински значи „среќник“. Студирал на Оксфорд, бил мошне талентиран за уметност и сакал сцени со маскирање. Еднаш се маскирал во царска пејачка и добил ангажман за настап во ресторанот „Аквариум“ и со успех држел концерти сѐ дури не бил разоткриен. Го препознале по накитот што го позајмил од мајка си.
Младиот кнез во 1914 година се ородил со Романови, оженувајќи се со сестрата на Николај Втори Ирина. За венчавката од царот добиле необичен подарок: дозвола во театар да седат во царската ложа.
Fine Art Images/Heritage Images / Getty Images
Откако сфатил какво влијание има Распутин врз царското семејство, Феликс одлучил дека тој човек треба да се отстрани. Станал дел од заверата и убиството што се одиграло во неговиот дворец. Довербата што Распутин ја имал кон Мали (така го нарекувал Феликс), одиграла кобна улога: без сомнеж, Распутин отишол кај него на гости, каде што го чекале заверениците.
По Револуцијата Јусупови заминале во Лондон, а потоа во Парис, каде што ја основале модната куќа IRFE. Во 1928 година Феликс објавил мемоари во кои го опишал убиството на Распутин и се придржувал само на изложената верзија. Демантирајќи ги сите шпекулации и фантазии на оваа тема, тој со клеветниците се борел пред суд. На почетокот од триесеттите години од минатиот век Феликс успеал да го изнервира дури и Холивуд: по појавувањето на филмот „Распутин и царицата“ во кината, во кој неговата сопруга е прикажана како љубовница на Распутин, го натерал студиото Ем-Џи-Ем за клеветата да му исплати 25 илјади фунти.
Во текот на целиот живот Јусупов им помагал на сонародниците коишто, како и тој, се нашле во емиграција. Им давал пари, им наоѓал работа, ги примал да живеат кај себе, собирал средства за рускиот Црвен крст. Повеќе никогаш не се вратил во Русија.
Великиот кнез Дмитриј Павлович
Слободни извори
Братучедот на Николај Втори израснал во семејството на својот стрико московскиот генерал-губернатор великиот кнез Сергеј Александрович. По убиството на стрикото Дмитриј Павлович преминал во грижа на царот. Како одличен јавач во 1912 година великиот кнез го предводел тимот на Руската Империја на Олимписките игри во Стокхолм. И покрај слабите резултати – петто место екипно и деветто во индивидуална конкуренција – великиот кнез дошол на идеја да организира серуски олимписки игри. Првото натпреварување од овој тип е одржано во 1913 година во Киев, а една година подоцна во Рига.
Слободни извори
Григориј Распутин сосема случајно влијаел врз судбината на великиот кнез. Знаејќи дека Дмитриј Павлович има негативен став кон Распутин, царицата Александра Фјодоровна не дозволила кнезот да се сврши со нејзината ќерка великата кнегинка Ољга.
Кога дознала за убиството на Распутин, сопругата на Николај Втори била толку бесна што барала великиот кнез и Феликс веднаш да се уапсат. Стравувајќи од народна побуна, царот го испратил својот братучед набрзина во Персија. По Револуцијата Дмитриј Павлович живеел во Европа и во САД и имал бурна афера со Коко Шанел. Токму тој големата дама на париската мода ја запознал со парфимерот Ернест Бос, кој го создал Шанел 5.
Великиот кнез никогаш не зборувал за убиството на Распутин.
Владимир Пуришкевич
Fine Art Images/Heritage Images / Getty Images
Бил еден од лидерите на монархистичката десничарска организација „Сојуз на рускиот народ“ и основач на „Рускиот народен сојуз Архангел Михаил“, пратеник во Думата. Името на Владимир Пуришкевич било поврзано со многу скандали. Тој сакал да ги прави и умеел да ги користи за свои цели. Секое здодевно заседание го претворал во политичка лакрдија: од салата го изнесувале насила, Пурешкевич ќе седнел на рамената на обезбедувањето и, прекрстувајќи ги рацете, „пловел“ надвор.
Но, кога започнала Првата светска војна шегите престанале: организирал санитарен воз и самиот со него одел на фронт за евакуација на ранетите, за снабдување со храна и со облека. Во ноември 1916 година одржал говор во кој изјавил дека „цела Русија го гледа ужасот што го претставува Распутин како неугасливо кандило во царските одаи“. Набргу кнезот Феликс Јусупов му предложил да им се приклучи на заверениците.
Слободни извори
По Револуцијата поранешниот пратеник се обидел да организира антиболшевичко движење и успеал да објави дневник во којшто го опишува убиството на Распутин. Починал во јануари 1920 година во Новоросијск од стомачен тифус.
Станислав Лазоверт
Слободни извори
Токму овој главен лекар на санитарниот воз на Пуришкевич ги наполнил со калиум цијанид еклерите наменети за Григориј Распутин. Тој, исто така, според идејата на заверениците, требал да ја утврди смртта. Многу работи во овој случај останале неразјаснети, зашто заверениците во сите искази биле исти. Исто така постои верзија според која Лазоверт не можел да се одлучи на убиство и во колачите не ставил цијанид. Тоа би можело да објасни зошто Распутин откако изел цел послужавник еклери не почувствувал никакви последици.
Откако ја напуштил Русија, Лазоверт живеел во САД и во Париз и дури има објавено мемоари за заверата.
Сергеј Сухотин
Слободни извори
Командирот на четата на Лајб-гардата на 1 стрелачки полк на Неговото Височество Сергеј Сухотин со Јусупови ги запознала неговата прва жена пијанистката Ирина Енери. Интересно е што Јусупови биле кумови на крштевањето на нивната ќерка Наталија. Сухотин во заверата требало да го изигрува Распутин и во отворена кола по убиството да се провози во насока на неговата куќа за да ја сврти истрагата, а дури потоа да го собере телото од дворецот на Мојка. Сухотин и Лазоврет по убиството го одвезле телото до реката.
По Револуцијата обвинет е за корупција и осуден на затворска казна. Кога бил ослободен, помагал во организација на музејот на Лав Толстој „Јаснаја Пољана“, се оженил по вторпат – со внуката на Толстој Софија. Но, набргу добил мозочен удар. Сухотин успеал да замине за Париз каде што за него се грижел Феликс Јусупов. За неговата улога во убиството на Распутин се дознало дури по објавувањето на мемоарите на кнезот. Владимир Пуришкевич во своите записи споменува само извесен „поручник С“.