Кој бил всушност „лудиот монах“ Григориј Распутин?

Russia beyond (Photo: Legion media; Public domain)
Минаа над 100 години од неговата смрт, а Распутин и понатаму останува една од најконтроверзните личности на руската историја. Дури и денес неговиот живот често се согледува низ призмата на гласови и на легенди кои сакаме да ги преиспитаме во оваа статија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!


Боби Фарел, фронтменот на поп-групата „Бони Ем“ излегуваше на сцена како карикатурна верзија на Распутин додека ја пееше својата незаборавна песна за наводната љубовна сфера помеѓу Распутин и царицата. Фарел почина на 30 декември 2010 година во Санкт Петербург, на денот кога 94 години претходно беше убиен Распутин во истиот град. Пејачот стаса во рускиот град, настапи на корпоративна забава, го отпеа своето последно „Ра-ра-распутин“, за следното утро да биде пронајден мртов во својата хотелска соба. Ова необично поклопување е само еден пример на мистериозните приказни кои се поврзани со животот и со смртта на познатиот руски мистик.

Боби Фарел

„Црна, долга и слаба исчешлана коса; црна густа брада; високо чело, широк, впечатлив нос, мускулеста уста. Но, целиот израз на лицето му е сконцентриран во очите со светло сина боја, блескави, длабоки, необично привлечни очи. Неговиот поглед е истовремено продорен и нежен, наивен и лукав, сосредоточен и далечен. Кога ќе почне живо да зборува, неговите зеници како да се исполнуваат со магнетизам“. Вака го опишува Распутин Морис Палеолог, францускиот амбасадор во Русија.

Очигледно е дека секој што би се сретнал со Распутин би му станало јасно дека станува збор за посебна личност. Луѓето му се восхитувале или го мразеле. Но никој не бил рамнодушен кон него. За да сфатиме кој навистина бил Распутин, ќе ги погледнеме документираните, докажани факти за неговиот живот.

А, најважниот податок за Распутин е фактот дека навистина можел да лекува луѓе, а особено принцот Алексеј, синот на Николај Втори, кој страдал од хемофилија, наследна болест која го спречува згуснувањето на крвта; тоа всушност значи дека секоја повреда и модринка за лице со хемофилија доведува до долготрајно крвавење, вклучувајќи и внатрешни крвавења. Способноста на Распутин да го запре ова крвавење го посведочиле дури и луѓе кој инаку го презирале.

Имал исцелителски моќи

„Не постои сомнеж дека Распутин поседувал техника на терапевтска хипноза, иако е невозможно да се каже како тоа точно функционирало“, има запишано рускиот историчар Игор Зимин.

Великата кнегиња Ољга Александровна, сестрата на Николај Втори, има запишано дека во 1907 година, кога Алексеј имал само три години, принцот си ја повредил ногата додека играл во Царское село, царската летна резиденција. „Имаше темни подочници <...> ногата му беше отечена толку што не можеше ни да се препознае. Лекарите не беа од никаква корист“, има запишано великата кнегиња. „Тогаш Аликс (царицата Александра Фјодоровна) му испрати телеграма на Распутин во Санкт Петербург. Стаса околу полноќ. Дотогаш јас веќе бев во своите одаи, а следното утро Аликс ме повика во собата на Алексеј. Не можев да им поверувам на своите очи. Момчето не само што беше живо, ами и здраво. Седеше на креветот, изгледа дека треската му минала, немаше ниту трага од отокот на ногата, очите му беа бистри, јасни... Подоцна од Аликс дознав дека Распутин воопшто не го ни допрел детето, само стоел покрај креветот и се молел“.

Престолонаследникот Алексеј

Михаил Роѕјанко, тогашниот претседател на Државната дума, запишал: „Распутин во себе имаше силен хипнотизам. Мислам дека беше појава мошне интересна за науката“. Уште тројца членови на царското семејство: великата кнегиња Ксенија Александровна, сестрата на Николај, нејзиниот сопруг великиот кнез Александар Михаилович и великиот кнез Кирил Владимирович исто така независно еден од друг ги потврдиле исцелителските моќи на Распутин во своите мемоари.

Распутин и царицата Александра не биле љубовници

Григориј Распутин потекнувал од селанско семејство од Сибир. Како момче неговото здравје било кревко и, веројатно, за да се излекува и за да зајакне, одел во различни манастири и свети места во Русија. Во своето родно село Покровское во Тобољската губернија бил познат како „Божји човек“. Николај и Александра го претставиле на своите родници во ноември 1905 година.

Меѓутоа, и покрај распространетите верувања, Распутин не бил чест гостин во царската палата. Во 1906 година Распутин со Николај и со неговото семејство се сретнал два пати; во 1907 година три пати. Сидни Гибс, кој од 1908 до 1917 година бил англиски тутор на децата на Николај Втори, има запишано: „Царицата веруваше во неговата правичност, во неговата духовна сила, веруваше дека неговите молитви помагаат. Кон него се однесуваше само на тој начин. Распутин не го посетуваше дворецот толку често колку што се зборуваше. Доаѓаше кога ќе се појавеше болеста на Алексеј. Го имам видено еднаш. Вака го оценив: паметен, препреден, љубезен човек“.

Александра Теглева, која 17 години била дадијарка на децата на царот, има запишано: „Само еднаш го имам видено Распутин, кога одеше кон собата на Алексеј“. Собарот на Николај Алексеј Волков посведочил: „Лично два пати го имам видено Распутин во дворецот. Го примија царот и царицата заедно. Беше со нив околу дваесеттина минути, и во првата и во втората пригода. Никогаш го немам видено со нив да испие дури ни чај“.

Главниот извор на шпекулациите за наводната љубовна врска помеѓу Распутин и царицата биле писмата на Александра Фјодоровна до Распутин. Нив наводно од Распутини ги украл Илиодор (Труфанов), православен монах кој му бил пријател на Распутин до 1912 година, кога имале голема кавга. Веднаш потоа Илиодор ја напишал книгата „Светиот ѓавол“ во која ги има објавено царските писма, кои веднаш дошле во центарот на вниманието на јавноста. Тогаш сите мислеле дека Распутин спиел со царицата, затоа што таа имала напишано: „Колку сум изморена без вас. Својата душа можам да ја одморам само кога Вие, учителу, ќе седнете покрај мене, а јас ќе ви ги бакнувам рацете и ќе ја потпрам главата на Вашите благословени рамена. О, каква леснотија чувствувам тогаш. <...> Во тие моменти секогаш посакувам само едно: да спијам, засекогаш да спијам на вашето раме, во вашата прегратка“.

Историчарите со согласуваат во мислењето дека царицата навистина му се восхитувала на Григориј до тој степен што кон него чувствувала наклонетост, зашто можел да го излечи нејзиниот син и да ја отстрани нејзината вознемиреност. Но, невозможно било царицата и Распутин да останат заедно сами без слуги или сведоци, во Зимскиот дворец или каде било на друго место. Во секој случај социјалниот јаз меѓу селанецот и царицата бил премногу голем за тие да можат да имаат дури и пријателска врска, а камоли некаков вид интимност.

Кој го демонизирал Распутин и зошто?

Евгениј Боткин, дворскиот лекар на царското семејство кој е убиен заедно со нив во 1918 година во Екатеринбург има запишано: „Да не постоеше Распутин, противниците на царското семејство и организаторите на револуцијата ќе го создадеа со помош на озборувањата на Ана Вирубова (дворска дама, најдобра пријателка и лице од доверба на царицата Александра Фјодоровна – заб. ред.), да не беше Вирубова, тие ќе ме земеа мене, кого било“.

Поголемиот дел од оние што го критикувале и што го мразеле Распутин ѝ припаѓале на аристократијата. Не им се допаѓало што некој си „мужик“, обичен необразован селанец, може да добие толкава наклонетост од царското семејство. Самиот Распутин, за жал, давал повод за озборувања, измислувајќи приказни за своето влијание на дворот. Историчарот Александар Боханов има запишано дека Распутин всушност не можел да ја скрие својата гордост. „Откако се најде како добредојден гостин во луксузните куќи во престолнината, откако доби пристап до животот за кој не знаеше дека постои, сибирскиот проповедник не можеше долго да остане присебен. Набргу комуникацијата со царското семејство му удри во главата. Распутин започна себеси да се доживува како семоќен, сакаше да ги импресионира луѓето со приказните за своето влијание и овие приказни се пренесуваа од уста на уста“.

Во 1909 година петербуршката тајна полиција изнесе тврдење дека Распутин е „револуционер“, но не најде никакви докази за тоа. Подоцна истата година полицијата го следела Распутин, откако селанката Хионија Гусева се обидела да го убие со нож. Овој пат тајната служба требала да го заштити Распутин. „Стравувајќи дека тој е мета на злонамерна група луѓе, ви наредувам да го држите на око овој случај и да го заштитите од можните повторни напади“, му напишал Николај Втори на министерот за внатрешни работи Николај Маклаков.

Во текот на последните две години од животот на Григориј, тајната полиција барала што било што може да го компромитира. „Воспоставив двојна контрола над Распутин. Ги платив сите негови домашни слуги во станот во Санкт Петербург [како агенти], на улица поставив стража, купив специјална кола со возачи-агенти за Распутин и специјална брза кочија со кочијаш-агент“, рекол подоцна Степан Белецки, заменик-министер за внатрешни работи. „Тогаш дознавме за сите лица кои му се обратиле на Распутин или кои му беа блиски... И не само тоа, воспоставено е внимателно набљудување и следење на лицата кои го посетуваат Распутин, иако нему и на неговите роднини тоа не им се допаѓаше“.

Необично беше тоа што ова следење не даваше ништо навистина реално компромитирачки. Најлошото што можеше да се каже за него е дека го гледале пијан (неколку пати) и дека во својот стан приредувал „забави“ каде доаѓале многу луѓе, вклучувајќи ги и младите жени ко му биле приврзани, со цел да ги слушаат неговите проповеди. Никакви оргии, нелегални секти, врски со револуционери, ништо што навистина би можело да го загрози угледот на Распутин не беше откриено. Сепак, лекарите од тоа време биле немоќни кога станува збор за хемофилијата на принцот Алексеј, за која немало лек, додека Григориј продолжил да му помага на престолонаследникот со своите исцелителски моќи.

Како што знаеме, Григориј Распутин е убиен на 16 декември според стариот (30 декември по новиот календар) 1916 година во Санкт Петербург. Во убиството бил вмешан дури и еден член на царското семејство, великиот кнез Дмитриј Павлович.

Престолонаследникот, малиот Алексеј, бил очаен по смртта на Григориј. Сергеј Фјодоров, еден од дворските лекари, се сеќава на неговите зборови: „Го нема повеќе светителот! Беше еден светител – Григориј, но го убија. Сега ме лекуваат и се молат, но тоа не помага. А, Григориј ќе ми донесеше јаболко, ќе ме погалеше на местото каде што ме боли и веднаш ќе ми станеше подобро...“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња