- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Финската армија, која се бореше на страната на нацистите, ја опколи 43-та стрелечка дивизија во близина на Виборг. Тоа се случи на крајот на август 1941 година, во периодот на Втората светска војна кој беше најтежок за СССР.
При обид за пробив, командантот на дивизијата, генерал-мајор Владимир Кирпичников, беше заробен.
Команданти на Црвената армија од толку висок ранг претходно не паѓаа во финско заробеништво (ниту подоцна). Во Финска за ова нашироко се пишуваше во печатот и дури беше снимен и документарен филм за тоа.
За време на сослушувањето, Кирпичников му откри на непријателот тајни информации за борбените дејствија на неговата дивизија и целата виборшка формација на Црвената армија. Исто така, тој напиша серија белешки во кои го критикуваше животот во СССР и системот на воена обука во вооружените сили на земјата.
„Кога паднав во заробеништво, сосем западнав и, откако ја изгубив вербата во борбената способност на Црвената армија, сметав дека Германија и Финска ќе победат“, призна генералот подоцна на сослушувањето кое овој пат го водеа советски иследници.
Притоа Кирпичников категорично одби да соработува поинтензивно со финските специјални служби, па дури и да го предводи антисоветското движење во Финска. На крајот Финците изгубија интерес за него и во декември 1941 година го испратија во логор за воени заробеници.
Генералот се врати во татковината откако Финска се повлече од војната во 1944 година. Тој ја одби понудата да остане во земјата или да замине во Швајцарија.
Во СССР Кирпичников беше обвинет за предавство и затворен. Генералот призна дека предал воена тајна, но ги отфрли обвинувањата дека доброволно се предал и дека соработувал со непријателот.
На 28 август 1950 година генералот беше прогласен за виновен и осуден на најстрога казна, заедно со одземање на државните одликувања и чинот. Истиот ден беше стрелан. Никогаш не беше рехабилитиран.