Четири најпознати руски предавници

Getty Images
Најголема штета на својата земја ѝ има нанесено колаборационистот Андреј Власов. Тој придонел десетици илјади советски воени заробеници да тргнат во борба против својата татковина на страната на татковината.

1. Иван Мазепа

Портрет на Иван Мазепа

Иван Мазепа бил еден од ретките луѓе кои уживале бесконечна доверба кај царот Петар Први. Како хетман (владетел) на Левобрежна Украина (тогаш дел од Русија), тој долги години верно му служел на царот, за што од негови раце го има добиено највисокото државно признание – Орденот на Андреј Првозвани.

Меѓутоа, неповолниот развој на ситуацијата во Северната војна (1700-1721) за Русија го навел Мазепа да започне да размислува за можноста да се извлече од под власта на Москва и да ја основа независна Украина, во која тој самиот би владеел. По тајни преговори со шведскиот крал Карл Дванаесетти хетманот во октомври 1708 година отворено преминал на негова страна.

Карл Дванаесетти и Мазепа по Полтавската битка

Петар веднаш му ги одзел на Мазепа сите титули и владетелски права, а Руската православна црква го анатемисала. Поголем дел од козаците не го поддржале хетманот и му останале верни на царот. Кога на 8 јули 1709 година шведската војска, а заедно со неа и мала сила бунтовници, била победена кај Полтава, Мазепа морал да избега на територијата на Османската империја, каде починал на 2 октомври истата година.

2. Генрих Љушков

Генрих Љушков

Генрих Љушков е еден од највисоките државни службеници кои пребегнале од СССР. Комесарот за државна безбедност од 3 класа, началникот на Управата на НКВД за Далекоисточниот крај рано утрото на 13 август 1938 година тајно ја минал границата на марионетската држава Манџуку што ја основале Јапонците.

За време на масовните политички репресии во СССР, познати како „Големиот терор“ (1936-1938), Љушков ја водел борбата против „народните непријатели“ на Далечниот исток. Неговата активност довела до бројни апсења во рамките на војската, во органите на НКВД, во партискиот апарат и во Тихоокеанската флота.

Во тоа време оној што ги обвинувал другите често и самиот станувал предмет на обвиненија. Кога во мај 1938 година Љушков бил повикан во Москва, сфатил дека таму не го очекува ништо освен суд и погубување. Тогаш решил да избега.

Од Генрих Љушков Јапонците добиле детални податоци за бројната состојба и за распоредот на советските сили на Далечниот исток, за положбата на одбранбените утврдувања, воените шифри, методите на работа на НКВД, опозициското расположение во регионот и вооружените сили и така натаму. Во согласност со тие податоци Генералштабот на Царската армија на Јапонија ја коригирал својата стратегија за идните војни против СССР.

На Љушков не му било судено да ја преживее Втората светска војна. Јапонците не сакале поранешниот комесар кој дознал многу работи за јапонската разузнавачка служба да дојде во советските раце, па на 19 август 1945 година бил ликвидиран.

3. Андреј Власов

Андреј Власов 1942 година

Пред да стане предавник број еден во Советскиот Сојуз, Андреј Власов се сметал за талентиран и перспективен воен командант. Во 1939 година служел и како главен воен советник во Кина, а Чан Кај Шек дури и го одликувал со Орденот на златниот змеј.

Во текот на првите катастрофални месеци од војната против Германија Власов покажал храброст и ефикасност. 20 армија под негово раководство одиграла значајна улога во разбивањето на германската војска кај Москва во декември 1941 декември.

Во 1942 година генерал-поручникот Андреј Власов ја добил под своја команда 2 ударна армија која летото истата година била опколена кај Ленинград. Притоа командантот бил заробен и испратен во логор. Таму решил да соработува со Германците.

За нацистите Власов бил значајна добивка. Прославениот советски генерал кој преминал на страната на Хитлер одиграл важна улога во пропагандната војна. Целото време го посветил на агитација меѓу заробените војници на Црвената армија, привлекувајќи ги на своја страна за борба „за изградба на Нова Русија без болшевиците“.

Андреј Власов и Руската ослободителна армија

Главната задача на најголемиот советски предавник била да ги обедини сите единици на руските колаборационисти во една Руска ослободителна армија (РОА), на чие чело требало да биде тој. Меѓутоа, раководството на Третиот рајх долго време било сомничаво кон идејата за создавање на голема армија од советски воени заробеници и го забавувало процесот. Власов добил одврзани раце дури кој крајот на 1944 година, кога судбината на нацистите била практично веќе решена. На крајот РОА не станала никаква значајна сила.

Генералот го заробила советската војска на 12 мај 1945 година на територијата на Чехословачка за време на обидот да се пробие на запад до американската војска. Заедно со група свои следбеници обвинет е за велепредавство и бил обесен на 1 август 1946 година во Москва.

4. Олег Пењковски

Олег Пењковски

Во 1960 година полковникот на Главната разузнавачка управа на Генералштабот на Вооружените сили на СССР Олег Пењковски се обратил на американска туристичка група во Москва со молба да предадат негово писмо во американската амбасада. Во него ги понудил своите услуги за собирање тајни податоци за ЦИА.

Следната година за време на службено патување во Лондон британската специјална служба МИ-2 му ја обезбедила на Пењковски сета потребна шпионска опрема, вклучувајќи и фотокамера и специјална радиотехника. Полковникот добил оперативен псевдоним „Херој“

Шифрирани записи на Пењковски

Еден од најефикасните западни агенти во СССР, Олег Пењковски на специјалните служби на САД и на Велика Британија им има предадено 11 ленти на кои испратил 5.500 документи кои содржеле 7.650 страници со тајни податоци за советските вооружени сили. Врз основа на неговите информации неутрализирани се околу 600 советски агенти.

Во 1962 година Пењковски бил откриен и уапсен од страна на КГБ. Во мај следната година е стрелан поради велепредавство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња