5 германски асови соборени од советски војници

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Советската авијација организираше вистински лов на германските пилоти кои ѝ правеа најмногу проблеми на Црвената армија.

1. Макс Хелмут Остерман (102 победи во воздух)

Командантот на 7-от полк на 54-та ловечка ескадрила Jagdgeschwader 54 „Grünherz“ („Зелено срце“), поручник Макс Хелмут Остерман важеше за еден од најдобрите пилоти на Луфтвафе. До летото 1942 година тој веќе имаше над 100 победи во воздушни битки, а меѓу неговите награди се наоѓаше и Витешки крст со дабови лисја и мечеви.

Успешната кариера на германскиот ас ја прекина натпоручникот од 41-от ловечки воздухопловен полк Аркадиј Суков со ловец ЛаГГ-3. Тој во воздушна битка над езерото Илмен на северозападниот дел на Советскиот Сојуз на 9 август 1942 година го собори Остермановиот Messerschmitt Bf 109, кој се урна во езерото и потона (според други извори, се урнал во шумата).

2. Рудолф Милер (92 победи во воздух)

Рудолф Милер, постар водник прва класа од 5-та ловечка ескадрила на Jagdgeschwader 5 „Eismeer“ („Ледено море“) му зададе многу главоболки на Военото воздухопловство на Црвената армија во Заполарјето. Тој многу успешно ги соборуваше ловците „Хокер харикен“ (Hawker Hurricane) што Велика Британија му ги испраќаше на СССР.

Затоа беше организиран вистински „лов“ на германскиот ас. Милеровиот Messerschmitt Bf 109G беше соборен во воздушна битка на 19 април 1943 година во близина на аеродромот Ваенга кај Мурманск. Го соборија командантот на 2-от гардиски ловечки воздухопловен полк на Военото воздухопловство на Северната флота, гардискиот капетан Петар Згибнев и потпоручникот Николај Боки. Советските пилоти летаа со ловци Р-39 „Еракобра“.

Германскиот пилот успеа да го спушти оштетениот авион и се обиде да се пробие до Норвешка, но беше фатен и заробен. Неговата понатамошна судбина е непозната. Според некои извори, тој бил убиен во октомври 1943 година при обид за бегство од логорот за воени заробеници во Мордовија.

3. Хелмут Гролмус (75 победи во воздух)

Кога на 19 јуни 1944 година јуришните бомбардери Junkers Ju-87 извршија напад врз конвој од бродови на советската Балтичка флота, ги следеа осум ловци Fw-190A од 54-та ловечка ескадрила. Во пресрет им полетаа советски ловци Ла-5ФН на 3-от гардиски ловечки воздухопловен полк.

Во текот на воздушната битка што се одигра во близина на градот Виборг, натпоручникот Александар Потемкин го собори авионот на германскиот ас Хелмут Гролмус. Германскиот пилот успеа да се катапултира, но загина од артилерискиот оган од земја.

4. Хорст Адемајт (166 победи во воздух)

На 8 август 1944 година, капетанот Хорст Адемајт, командант на 1-та група ескадрила Jagdgeschwader 54 „Grünherz“ („Зелено срце“) во источна Летонија со неговиот ловец Focke-Wulf Fw-190A-5 беше во потера по јуришен авион Ил-2. На подрачјето на градот Даугавпилс се најде под силен оган на советската противавионска артилерија.

Понатамошната судбина на Адемајт е непозната. Во Германија беше прогласен за мртов и посмртно унапреден во чин мајор.

5. Ото Кител (267 победи во воздух)

Поручникот Ото Кител од ескадрилата Jagdgeschwader 54 „Grünherz“ („Зелено срце“) за време на војната собори 267 непријателски авиони и беше четвртиот најуспешен пилотски ас на Луфтвафе. Зимата 1945 година учествуваше во борбите во Курландскиот џеб во западна Летонија, каде што од октомври 1944 година единиците на групата армии „Север“ беа отсечени од главните сили.

На 14 февруари Кител, на чело на група од три авиони-ловци Focke-Wulf Fw-190A-5, се упати кон подрачјето на градот Тукумс, каде што налета на група од осум советски јуришни авиони Ил-2. Германскиот ас собори еден авион по што неговиот ловец наеднаш се запали, почна да губи висина, падна на земја и експлодира.

Според една верзија, ловецот на Кител бил погоден од стрелец на еден од јуришните авиони, а според друга, бил погоден од советски противавионски топови.