8 малку познати факти за Нирнбершкиот процес

Кира Лисицкаја (Photo: AP; Raymond D'Addario/The National Archives and Records Administration)
Најпознатиот Меѓународен воен трибунал во историјата на ХХ век траеше од 20 ноември 1945 година до 1 октомври 1946 година во Германија.

Во судницата број 600 на Палатата на правдата во германскиот град Нирнберг, покрај злосторниците и бранителите седеа судии и обвинители од четирите победнички земји - СССР, Франција, Велика Британија и САД. За речиси една година од работата на Трибуналот околу него се одвиваа разни настани од кои некои се добро познати, а некои останаа зад кулисите и многу поретко се споменуваат во јавноста.

1. Седиштето на Меѓународниот воен трибунал се наоѓаше во Берлин, а не во Нирнберг

Бившата зграда на судот во Берлин Клејст парк, поранешна резиденција на Сојузничкиот контролен совет 1953 година.

Советското раководство инсистираше судењето да се одржи во Берлин, каде што земјите-победнички го основаа Сојузничкиот контролен совет, орган на врховната власт на победниците на територијата на окупирана Германија.

Меѓутоа, западните сојузници инсистираа на Нирнберг, кој се наоѓаше во американската окупациска зона. Тука имаше сочувано и голема судница (Палата на правдата), која со подземен премин беше поврзана со затворот, нешто што Берлин немаше. Покрај тоа, ова место се сметаше за симболично затоа што сите конгреси на Национал-социјалистичката партија на Германија се одржуваа таму од 1927 година.

Меѓутоа, Берлин сепак стана седиште на Меѓународниот воен трибунал, и во него на почетокот на октомври 1945 година беа одржани неколку седници во зградата на Контролниот совет. Самиот процес на судење започна на 20 ноември 1945 година во Палатата на правдата во Нирнберг.

2. Седуммина осуденици ја избегнаа казната

Хитлер опкружен со фелдмаршалот Кајтел, рајхсмаршалот Херман Геринг и Мартин Борман. Непознат фотограф.

Беа поднесени обвиненија против 24 најголеми нацистички злосторници. 12 обвинети беа осудени на смрт, иако двајца успеаја да ја избегнат.

Херман Геринг, врховниот водач на јуришните одреди (СА), генерал на СС дивизијата, министер на германското воено воздухопловствои наследник на Хитлер, беше осуден на смрт со бесење, но пред егзекуцијата изврши самоубиство со голтање капсула со калиум цијанид.

Мартин Борман, шеф на партиската канцеларија на НСДАП и личен секретар на фирерот, беше осуден во отсуство на смрт со бесење. Тој не присуствуваше на судењето и местото на неговиот престој не беше познато.

Роберт Леј, претседател на Германскиот работнички фронт, се обеси во својата затворска ќелија уште пред судењето, на 25 октомври 1945 година, неколку дена по поднесувањето на обвинението.

Густав Круп фон Болен, шеф на концернот „Фридрих Круп“ кој активно го финансираше германското движење, беше прогласен за смртно болен. Судскиот процес против него беше прекинат до почетокот на судскиот процес на прелиминарното рочиште на 15 ноември 1945 година.

Тројца обвинети – вицеканцеларот Франц фон Папен, шефот на Одделот за радио-емитување на Министерството за народно образование и пропаганда Ханс Фриче и министерот за економија на нацистичка Германија Хјалмар Шахт беа ослободени од обвиненијата.

3. Во судницата присутните носеа очила за сонце

Рудолф Хес, десно, ја држи главата поради болки во стомакот за време на судењето на воените злосторници во Нирнберг, 30 септември 1946 година. Тој ја напушти судницата по објавувањето на пресудата. Херман Геринг седи лево.

На фотографиите и архивските видеоснимки од судењето се гледа дека присутните носат очила за сонце. Причина беше осветлувањето во салата. Така во својата книга „На крајот на краиштата. Нирнбершки дневници“ го опиша Борис Полевај, специјалниот дописник на весникот „Правда“ од меѓународниот трибунал: „Бледо, рамномерно, некако рамнодушно и депресивно осветлување, во кое сè наоколу добива зеленикава, смртоносна нијанса.“ Темни завеси имаше на сите прозорци. Според Полевој, управникот на затворот, американскиот полковник Бартон Андрус, „во една пригода се пошегува со новинарите: „Ќе се погрижам никој од нив повеќе да не го види сонцето“.

Од вештачкото осветлување многумина ги болеа очите, така што присутните, како и обвинетите, понекогаш носеа темни заштитни очила.

4. Во текот на судењето постоеше посебно правило за затворени седници

Новинарите брзаат да информираат за пресудите донесени на крајот на „најголемото судење во историјата“, Палата на правдата, Нирнберг.

Новинарите, но и јавноста, не можеа да присуствуваат на затворените седници. За да се дознае што се случува во судницата, беше воведено следново правило за кое пишува Борис Полевој: „Ако се насети нешто интересно во текот на судењето, во сите простории на Палатата на правдата се пушта еден звучен сигнал; ако се случува нешто што заслужува посебно внимание, се слуша двоен сигнал, а ако е нешто сензационално, тогаш сигналот е троен“.

Според Полевој, сигналите наликуваа на неподносливо завивање, доаѓаа од некаде под таванот и се повторуваа многу пати.

5. Во САД печатот објави дека советскиот обвинител пукал во Геринг

Херман Геринг за време на вкрстеното испитување, Меѓународен трибунал во Нирнберг, Палата на правдата, судница бр. 600, 1946 година.

На 10 април 1946 година, американскиот воен весник „Stars and Stripes“ објави белешка во која се наведува дека советскиот обвинител Роман Руденко толку му се налутил на Геринг за време на сослушувањето што го извадил службеното оружје и пукал во поранешниот рајхсмаршал.

Главниот советски обвинител Роман Руденко

Меѓутоа, весникот подоцна ја демантираше таа изјава: „Веста дека главниот советски обвинител на судењето го застрелал Геринг во напад на гнев не е потврдена. Според соопштението од Нирнберг, Геринг е жив, здрав и подготвен да му одговара на обвинителот. Соопштението дека тој трагично загинал се објаснува со фактот дека во редакцијата погрешно ја протолкуваа фразата на дописникот која гласеше дека генералот Руденко морално го застрелал Геринг.

6. Сослушувањето на Геринг му помогна на Борис Полевој да ја напише познатата „Повест за вистинскиот човек“

Воените дописници на весникот „Правда“ на Нирнбершкиот процес (од лево кон десно): Борис Полевој, Всеволод Вишневски и Виктор Тјомин.

Приказната за воениот пилот Алексеј Марсеев, за која писателот ја доби Сталиновата награда, Полевој почна да ја пишува во Нирнберг. Тој беше инспириран од одговорот на Геринг на прашањето дали тој го доживува почетокот на војната против СССР како најголемото злосторство што ја доведе Германија до катастрофа. Геринг тогаш рече:

„Тоа не е злосторство, тоа е грешка. <...> Нашата разузнавачка служба работеше добро и ние го знаевме отприлика бројот на војници на Црвената армија, бројот на тенкови, авијацијата, ја знаевме и моќта на руските воени фабрики. <...> Но, ние не ги познававме Русите. Човекот од Исток отсекогаш бил мистерија за Западот“.

7. „Последната жена во прегратката на Геринг“ беше советски преведувач

Во една пригода за време на судењето, 24-годишната Татјана Ступникова, советска преведувачка, брзаше на своето работно место во судницата. Трчаше низ ходникот, но наеднаш се лизна и за малку ќе паднеше. Некој ја придржа во последен момент.

„Кога си дојдов при себе и го кренав погледот за да го видам мојот спасител, пред мене стоеше Херман Геринг со насмевка на лицето. Успеа да ми шепне на уво: „Vorsicht, mein Kind!“ (Внимателно, дете мое!)“, напиша Ступникова во своите мемоари.

Кога Татјана влезе во салата, ѝ пријде францускиот дописник и ѝ рече на германски: „Вие сте последната жена во прегратката на Геринг“.

8. Фелдмаршал на Вермахтот беше сведок на обвинението што го изнесе СССР

Фридрих Паулус во Нирнберг.

Есента 1946 година судскиот процес го загуби својот интензитет. Почнаа да се шират изјави на одбраната и самите обвинети дека нападот на нацистичка Германија врз СССР бил превентивна мерка. Советската делегација мораше итно да обезбеди убедливи аргументи дека нападот на Третиот Рајх бил однапред испланиран.

Таков „адут“ одеднаш стана Фридрих Паулус, заробен на 31 јануари кај Сталинград. Советското раководство тајно го донесе Паулус во Палатата на правдата за да сведочи. На сослушувањето во Нирнберг, поранешниот германски маршал изјави дека „сите подготовки за нападот на СССР, кој беше извршен на 22 јуни, беа направени уште есента 1940 година“.

Повеќе за улогата на Фридрих Паулус на судењето во Нирнберг и како поранешниот фелдмаршал на Вермахтот живееше во СССР по војната читајте во нашиот материјал.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња