Приватна куќа, послуга и привилегии: Како по војната во СССР живееше фелдмаршалот Паулус

Russia Beyond (Photo: Legion Media; С.Соларёв/Sputnik; Archive photo)
Заробен за време на Сталинградската битка фелдмаршалот на Вермахтот живееше по Втората светска војна, во периодот од 1945 до 1953 година, во СССР. Поранешниот германски офицер престојување во земјата на довчерашниот непријател во услови мошне подобри од оние во кои живееше мнозинството советски граѓани. Враќањето во Германија му беше дозволено дури по смртта на Јосиф Сталин.

„Паулус! Срами се што дишеш германски воздух!.. Ти си ништожник од кого ни куче не би зело парче леб“. Ова е цитат од само едно од неколкуте десетина анонимни писма што на име на Фридрих Паулус стасале од различни краишта на Германија за време на Нирнбешкиот процес. Паулус на судот беше сведок на советските тужители. Советските власти не му дозволија да остане во Германија, плашејќи се, меѓу другото за неговиот живот.

Пролетаа 1946 година фелдмаршалот се врати од Нирнберг во СССР. Од тој момент не го сметаа за воен заробеник, ами за гостин на советската влада.

Паулус како сведок во Нирнберг

По враќањето сместен е во куќа за одмор на МВР во подмосковното место Томилино. Имаше личен лекар, готвач, ордонансот Ервин Шулт и аѓутантот Вилхелм Адам. Заедно со нив живееја генералите Валтер фон Зејдлиц-Курцбах, Винсенц Милер и Валтер Шрајбер кои исто така беа заробени во Сталинградската битка.

Поранешниот фелдмаршал живееше во многу подобри услови од голем број жители на СССР. На располагање имаше дрвена куќа, своја послуга, како и можност да оди во Москва на изложба или на концерт. Меѓутоа, на Паулус му недостасуваше контакт со семејството.

Писмо на сопругата Елена Констанца успеа да ѝ напише дури една година по завршувањето на војната, на 20 април 1946 година. На десетти јуни доби одговор во кој таа пишува дека дознала дека повеќе не е во заробеништво и дека ѝ е драго што кон него се однесуваат убаво. И дека чека да се врати. Уште и напишала „ако сакаш, подготвена сум со тебе да одам на крајот од светот“.

Елена Констанца починала во 1949 година, без да успее да се види со сопругот. На Паулус по судењето му било понудено да се сретне со сопругата, меѓутоа тој децидно одбил „никому да не му падне на ум дека средбата е награда за неговото сведочење пред Меѓународниот трибунал“.

Лекување на Крим

Пролетта 1947 година здравјето на Паулус му се влошило. На осми јули министерот за внатрешни работи на СССР Сергеј Круглов го известил министерот за надворешни работи Вјачеслав Молотов дека „туберкулозата кај Паулус се влошила“ и дека „лекарската комисија препорачува лекување на Крим“. Круглов бараше дозвола да го префрли Паулус на еден и пол до два месеци во подготвен објект на јужниот брег на Крим на подрачјето на „Горња Ореанда“. Молотов одобри и одговори дека тоа треба да се „среди“. Заедно Паулус на Крим заминаа и Милер и Шрајбер.

Прозорецот од спалната соба на Паулус во Горња Ореанда

Лекувањето на Паулус се држело во тајност. Дневно добивал по 26 рубли, што за платен престој и храна, било добар додаток за одмор. За споредба, еден килограм бел леб чинел 5,5 рубли, десет јајца 12 рубли, а просечната месечна плата изнесувала помеѓу 500 и 600 рубли.

Поранешниот германски офицер почнал да се чувствува многу подобро на Крим. По две недели поминати на црноморскиот брег упатил писмо со благодарност до соработникот на Оперативната управа на Главната управа за прашања поврзани со воените заробеници и интернираните (ГУПВИ) потполковникот Георгаѕе во кое пишува дека секојдневното капење му годи, и дека се надева дека престојот на Крим ќе има ефект. Писмото е потпишано со зборовите „Полн со благодарност, Вам предан Фр. Паулус“.

Активностите на Паулус во СССР

Летото 1946 година кај Паулус дошол претставникот на ГУПВИ Фјодор Парпаров за да му понуди да подготви проект на нова организација на Демократскиот сојуз на германските воени заробеници во СССР, на чие чело би бил Паулус. Тој со внимание ја завршил работата, детално изложувајќи ги главните принципи во согласност со кои би било формирано Движењето на Социјалистичката единствена партија на Германија. Меѓутоа, работата не е сработена во согласност со замислите на советската власт. Паулус го редигирал својот проект, но на крајот организацијата не била основана.

Во подмосковскиот Томилино Паулус почнал да се занимава со научна работа. Од Воено-историската управа на Генералштабот на Вооружените сили на СССР тој и Зајдлиц добиле задача независно еден од друг да напишат свои сеќавања за текот на борбените дејствија кај Сталинград. Есента 1947 година поранешниот фелдмаршал на Вермахтот беше советник на екипата која работеше на филмот во два дела „Сталинградската битка“. Филмот премиерно е одигран во 1949 година.

Глумецот Владимир Гајдаров во улогата на Паулус во филмот „Сталинградската битка“ (лево) и Фридрих Паулус (десно)

Неколкуте ракописи на Паулус не привлекле никакво внимание кај научните кругови како во Русија, така и во Германија. Тој направи критичка анализа на брошурата на генерал-полковник Франц Халдер „Хитлер како војсководец“, објавена во Минхен во 1949 година. Авторот настојуваше да го прикаже Хитлер како единствен виновник за германскиот пораз. Како што се наведува во мајскиот број на Воено-историскиот магазин од 1962 година „Паулус нема дадено детална анализа на брошурата на Халдер, ами се фокусира на побивањето на клучните легенди кои ги изнел авторот, како и на критика на едностраниот метод на истражување во кој се игнорирани клучните страни на војната“.

Паулус ја отфрла идејата на Хадлер за тоа дека за поразот на Германија е виновен исклучиво фирерот. „Клучната работа што ја спречи Германија да оствари победа во војната, а која Хитлер ја игнорираше беше моќта на Советскиот Сојуз во најширока смисла на зборот, демонстрирана во текот на војната“.

Во анализата која исто така била објавена во истиот број на магазинот Паулус напиша дека „Хитлер не бил револуционерен диктатор“ како што го има претставено Халдер, ами „брутален извршител на волјата на германските и на меѓународниите стопански и финансиски господари, чии интереси ги бранел немилосрдно“.

Репатријација на Паулус

Поранешниот фелдамаршал повеќе пати ја молел советската власт да ја разгледа можноста за негово враќање во Германија, меѓутоа немало одговор.

На Паулус му било јасно дека неговата судбина зависи од Сталин, па на 18 октомври 1948 година по повод 70 роденден на „господинот генералисимус“ заедно со генерал-лајтнантот Рудолф Бамлер напишал честитка. „Нашиот пат од Сталинград до оваа честитка не беше воопшто лесен“, констатирале поранешните германски воени команданти. „Влеговме во СССР како непријатели, во слепо подаништво“, навеле тие, упатувајќи му на Сталин „искрени честитки како великодушен пријател на германскиот народ“.

Треба да се каже дека Паулус го напишал писмото како „генерал-фелдмаршал на поранешната германска армија“, а не како „поранешен генерал-фелдмаршал“. Рудолф Бамлер се потпишал како „Ролф Бамлер, генерал-лајтнант на поранешната геманска армија“.

Бамлер е вратен во НДР во 1950 година. Паулус можел да се врати дури по смртта на Сталин, есента 1953 година, под услов да живее во Источна Германија. На 24 октомври тој засекогаш го напуштил главниот град на СССР во вагон за спиење на брзиот воз број 3 Москва-Берлин. Пред заминувањето фелдмаршалот напишал изјава на советската влада и на крајот нагласил дека не сака да го напушти Советскиот Сојуз, а да не им каже на советските граѓани дека своевремено дошол во СССР како непријател, а сега го напушта како пријател.

Паулус во Берлин 1954 година

Живот под контрола на Штази

По доаѓањето во Германија Паулус се преселил во Дрезден. Во викенд-населба на градот Вејсер Хирш (Бел елен) добил двокатна вила со покуќнина и со послуга. Нешто слично во Источна Германија можела да ужива само партиската елита.

Сите коишто работеле во вилата биле соработници и доушници на Министерството за државна безбедност Штази. Според Торстен Дитрих, биографот на Паулус, возачот на поранешниот фелдмаршал секогаш бил тука и известувал за сѐ што се случувало во вилата, со оглед на тоа што и тие биле врбувани од Министерството за безбедност. Во куќата насекаде биле поставени апарати за прислушување, така што Фридрих Паулус не можел ништо да прозбори и да направи, а тоа да не биде регистрирано. Во извештаите на Штази вилата се водела како „објект тераса“.

Вилата во која Паулус ги минал последните години од животот

На Паулус му бил доделен автомобил и аѓутант, а имал и право да носи  оружје. Омилена активност му била расклопување и чистење пиштол. Постои легенда дека тоа го правел толку често што еден од агентите изразил сомнение дека Паулус сака да се убие. Од централата на Штази стасал одговор: „Доколку не се убил во Сталинград, зошто би го сторил тоа сега?“

Паулус во Дрезден држел реферати за битката на Волга во Високата офицерска школа. Како што во книгата „Катастрофата на Волга. Мемоарите на аѓутантот Ф. Паулус“ пишува нејзиниот автор Вилхелм Адам кој уште во СССР служел кај Паулус, овој за потребите на рефератот „по сеќавање, како и врз основа на белешките од разговор со генералите и офицерите на германскиот генералштаб направил шематски карти“.

На иницијатива на Паулус на 29 јануари 1955 година дошло до средба на поранешните германски офицери од НДР и СРН. Како што сведочеше Адамс, од звуците на германскиот воен посмртен марш Der gute Kamerad познат и по првите стихови „имав пријател“ им била оддадена почит на паднатите. Говорот на Паулус на овој состанок оставил голем впечаток кај присутните. Планирал да напише историја на Сталинградската битка, но поради лошото здравје не успеал.

Фридрих Паулус, генерал-фелдмаршал на поранешниот Вермахт, почина на први февруари 1957 година, наспроти 14-годишнината од капитулацијата на неговата војска.

Телото на Паулус е кремирано. Урната со правта е погребана на гробиштата во Баден-Баден во Западна Германија покрај неговата сопруга.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња