Нирнбершкиот суд: пет главни прашања

UllsteinBild/Vostock-Photo
На 1 октомври навршија 70 години од моментот на изрекување на казната на хитлеровскиот Рајх од страна на Нирнбершкиот суд. „Руска реч на македонски“ одговара на пет главни прашања поврзани со овој епохален процес, кој влезе во историјата како „Судот на народите“.

Ако не беше СССР, дали воопшто ќе имаше процес во Нирнберг?

Идејата во судска постапка да се осудат лидерите на Третиот Рајх, како и државните институции на хитлеровската империја одговорни за репресиите, не изгледаше толку тривијална во времето на Втората светска војна колку што изгледа денес. На почетокот само Москва инсистираше на организирање ваков процес. Партнерите на Советскиот Сојуз во антихитлеровската коалиција - Лондон и Вашингтон - имаа поинаков пристап.

Во октомври 1942 година Советскиот народен комесаријат за надворешни работи состави нота во која изјавува дека Москва се залага за „изнесување пред специјален меѓународен  суд и казнување со најстрога казна од кривичното право“ на водачите на фашистичка Германија. Меѓутоа, британскиот министер за надворешни работи Антони Идн во ноември истата година во инструкциите до амбасадорот во Москва ја нарече несоодветна идејата за изнесување пред формален суд на главните злосторници како Хитлер и Мусолини“, „затоа што нивните злосторства и одговорноста се толку големи што тие не се соодветни за разгледување по пат на правна процедура“. Идн пишува за неопходноста од сурова казна за нацистичките водачи врз основа на политичка одлука на Обединетите нации. Сѐ до почетокот на 1945 година САД го поддржуваа ставот на Велика Британија. Лондон и Вашингтон предлагаа да се усогласи список од 50 до 100 нацистички лидери кои треба да бидат стрелани без судење.

Сепак, постепено, односот на сојузниците спрема идејата за организирање Меѓународен воен суд се менува. Конечната одлука за ваков трибунал беше донесена на Конференцијата во Потсдам во текот на летото 1945 година. Според мислењето на рускиот историчар Наталија Лебедева, Лондон и Вашингтон беа против судење, бидејќи се плашеа од можноста „обвинетите да се повикуваат на предвоената политика на западните сили која не е безгрешна, нивната помош во вооружувањето, „Минхенските маневри“, итн.“  Тие, исто така, стравуваа дека нема да има соодветна правна основа за осуда на хитлеровските раководители, а самиот процес да изгледа како наместено судење. Истовремено, СССР инсистираше на судски формат, бидејќи тоа го зголемуваше неговиот меѓународен престиж, а и се појави можност да се дејствува во рамките на новото, меѓународно право, изјави за „Руска реч на македонски“ историчарот Борис Соколов.

Дали тоа беше суд на победници?

Обвинетите (беа обвинети вкупно 24 највисоки претставници на Рајхот) ја доведоа во прашање законитоста на процесот. Тие се обидуваа да докажат дека тоа не е организиран судски процес, туку суд на победници. Како што изјави во Нирнберг командантот на Луфтвафе Херман Геринг, „победникот е секогаш судија, а победениот – осуденик“.

Сепак самиот процес, како што истакнуваат многубројни истражувачи, сведочи за нешто друго. Сите обвинети имаа бранители - беа вклучени вкупно 27 адвокати. Во прилог на правичноста на судењето сведочи и фактот дека не сите обвинети добија смртни казни. На смрт со бесење беа осудени 12 нацисти. Седуммина добија затворски казни, а тројца беа ослободени.

Дали сите сили беа задоволни од одлуката на судот?

Советскиот Сојуз протестираше против ослободителната пресуда на Хјалмар Шахт (претседател на Рајхсбанк и министер за економија), Ханс Фриче (пропагандист, кого го сметаа за десна рака на Гебелс) и Франц фон Папен (заменик-канцелар во владата на Хитлер). Москва, исто така, не беше задоволна поради тоа што не беа прогласени за злосторнички здруженија царската влада на нацистичка Германија, Генералштабот и Врховната команда на Вермахтот.

Од денешна перспектива пратеникот и историчар Вјачеслав Никонов, внук на првиот човек на НКВД Вјачеслав Молотов, во рамките на тркалезната маса, организирана од Руското историско друштво, го оцени како недостаток на судот тоа што тој не ги прогласи за злосторнички здруженија и организациите како што се Украинската востаничка армија или СС дивизијата „Галиција“. Тоа се случи и покрај очигледната поврзаност на овие групи со нацистичкиот режим и прогласувањето на СС во Нирнберг за злосторничко здружение. Покрај СС, од страна на судот беа прогласени и СД, СА, Гестапо и раководниот состав на нацистичката партија.

Кој не беше на клупата за обвинети?

Пред судот не излегоа сите кои извршија самоубиство - Адолф Хитлер, Хајнрих Химлер и Јозеф Гебелс. Го немаше ни партискиот бос Мартин Борман кој, како што се смета, исто така извршил самоубиство.

Судење избегна и „Ангелот на смртта од Аушвиц“, доктор Јозеф Менгеле, кој вршеше експерименти врз затворениците во концентрационите логори. Тој, избегнувајќи ја казната, почина во Бразил од природна смрт на крајот на 1970-те.

Одговорниот за масовното уништување на Евреите Адолф Ајхман исто така го избегна Нирнберг, сепак подоцна беше фатен од израелското разузнавање и од Јужна Америка префрлен во Израел, каде беше осуден и погубен.

Диверзантот од СС Ото Скорцени, кој го киднапираше Бенито Мусолини и кој подготвуваше атентат врз југословенскиот лидер Јосип Броз Тито, во 1945 година беше уапсен, потоа пуштен на слобода и живееше во Шпанија на Франко.

Во што се состои историското значење на судот?

Судот правно го потврди распадот на фашизмот. По Нирнберг во Германија, во редица други земји се одржаа судски процеси во кои беа осудени околу 70 илјади нацисти и нивни помагачи.

Како резултат на процесот луѓето кои ја започнаа војната, извршија злосторства против човештвото, добија казна согласно меѓународните норми, додека нивното судење според националното законодавство беше практично невозможно. Самиот термин „злосторство против човештвото“ беше првпат дефиниран во статутот на Меѓународниот воен суд, кој беше одобрен од ООН. Нирнбершкото судење ги постави темелите на меѓународното казнено право.  

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња